Don't Miss
Home / Uncategorized / Латас прво градел подоцна барал дозволи

Латас прво градел подоцна барал дозволи

Нови 33 „бомби“, денеска беа објавени на судското рочиште за случајот „Тревник“, во кој објвинети се Драган Павловиќ Латас и неговите двајца браќа, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ.

Овие аудио разговори, во траење од еден час и 50 минути, на минатото  рочиште до судот ги достави обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска.

Од „бомбите“ се слушна како Латас набавува материјали и поставува кров на викендицата во Зеленилово, и тоа во 2012 година, со што се докажува тезата на СЈО дека градел пред да го добие одобрението за градба, во 2013 година.

Во април 2012 година, Латас разговара со соговорник Христијан, за да се намести кровот. Се договараат за цената, а после неколку месеци, во ноември се слушаат повторно.

-Касните три месеци, зошто не се наредени ќерамидите, еве врне, му вели Латас на соговорникот, при што се договараат неделата да почнат со работа.

Од останатите разговори меѓу соговорниците се дознава дека кровот  е наместен во декември.

Во септември 2012 година, Латас разговара со соговорник Благоја, за фасадата на викендичката.

-За фасадата, дали ќе може пола да платиме, а пола да компезираме со реклама, прашува Латас.

Во истиот период Латас прави нарачка и за изолација на објектот, а во декември почнува монтирањето на прозорите.

Од разговор меѓу Латас и неговиот брат Звездан, воден во август 2012 година, Латас нервозно коментира дека документите не се средени, и дека може да ги срушат.

-…Ние немаме Одобрение за градба, може да дојде да не руши! …Да ти го срамни со нула и после кој ќе биде крив, вели Латас.

За средување на документацијата, двајцата браќа разговарат и во септември 2012 година, додека во меѓувреме веќе градат во Зелениково.

Истиот ден Латас разговара и со другиот брат, Срѓан.

-Прозорите кај мене се договорени… Ќе одам и денес во општина кај Фејан да видам што папири ќе треба, му вели Срѓан на Латас.

Покрај „бомбите“, обвинителката Јосифовска презентираше и нови материјални докази, односно договори и фактури, за набавени материјали и изведени работи, од 2012 година, со кои, како што рече, ги побива доказите изведени од одбраната.

Адвокатката Светлана Савиќ, откако бомбите беа преслушани, истакна дека ги оспорува доказите, потенцирајќи дека СЈО немало право да доставува нови докази, а се повика и на мислењето на Врховниот суд, со кое се забранува користење на бомбите.

Обвинителката истакна дека „бомбите“ не се дополнување, туку реплика на доказите на одбраната, што е дозволено со закон. За мислењето на Врховен пак истакна дека се однесува на користење на бомбите за предмети кои се во истрага и предистрага, а не за тековни судски предмети.

Според обвинението, брадата изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно граделе без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*