Home / Колумни / Лет во место

Лет во место

Беше многу одамна, во осумдесеттите години на минатиот век, кога на штиците што живот значат во Битола ја гледав претставата на Горан Стефановски, а во режија на Слободан Унковски, „Лет во место”.
Оттогаш ми избледнеа многу слики и детали од улогите на Михајло, Евто, Султана. Но насловот од претставата и филмот „Лет во место” никако да ги заборавам.

 Овој наслов постојано ме следи во сите изминати децении од македонската независност. Денеска, кога ги трошиме првите  денови  од месец  јуни, месец што толку многу го очекувавме и посакувавме со надеж дека под претседателство на Франција конечно ќе ја одржиме таа толку многу очекувана меѓувладина седница и ќе ги почнеме преговорите за влез во ЕУ, првата асоцијација на месец јуни  ми беше насловот од текстот на Горан Стефановски, „Лет во место”.
Македонија веќе повеке од две децении „лета” во место. Секои шест месеци, Македонија влегува со надеж дека конечно ќе добие датум и ке ги почне преговорите за влез во ЕУ. Но тој датум, толку многу пати најавуван и посакуван никако да дојде. Иако за неколку дена и официјално треба да се (до)знае дали Македонија во мандатот на Франција конечно ке ја одржи таа толку најавувана меѓувладина седница и ќе добие датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ, се чини дека полека спласнува оптимизмот, не само кај народот, туку и кај Владата. Деновиве дури и големиот оптимист, министерот за надворешни работи Бујар Османи, песимистички изјави дека не е повеке оптимист кога е во прашање почетокот на преговорите и симнувањето на блокадата од страна на Бугарија. Многу оптимизам не донесоа ни интензивните разговори во Париз на министерот за надворешни работи Бујар Османи и на министерот за евроинтеграции Бојан Маричик. Кога е во прашање подигнувањето на ветото за одблокирање на преговарачкиот процес, многу оптимизам не донесе ни средбата на двајцата премиери Петков и Ковачевски, за време на славенјето на делото на браката Св. Кирил и Методиј во Рим. Се чини дека оптимизам за почеток на преговорите веке нема ни во Франција, а и покрај интензивните средби и разговори на нашите министри со европските и американските дипломати ни во Брисел, ни во Вашингтон.

Во изминатиот период не дадоа плод ни заложбата на Стејт департментот ни силната и недвосмислена поддршка од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за итно и неодложно почнување на преговорите со ЕУ, како прашање од стратегиска важност за стабилноста на целиот Западен Балкан. Очекувањата дека Франција ќе ја потврди нејзината заложба за проширување на Унијата и дека токму за време на француското претседателство, Македонија ке ги започне преговорите со ЕУ, се чини полека исчезнуваат. И покрај синхронизираните активности на европските дипломати и САД за омекнување на ставот на Бугарија, која веке подолго време го блокира преговарачкиот процес, таа е цврста во одлуката да продолжи со блокадата, сѐ додека Македонија не ги исполни сите нејзини уцени и барања.
На Македонија не ѝ помогнаа многу ни ставот и заклучокот на безмалку сите европски лидери дека проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан, од геополитичка гледна точка, е и безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на самата Европска Унија. Се чини дека овој нас „лет во место”, кој кога се во прашање интегративните процеси на Македонија за влез во ЕУ, ке потрае уште многу години. Залудни се надежите на македонските власти дека Бугарија ке го омекне својот став и дека ке се смилува Македонија конечно да ја одржи првата меѓувладина седница.
И сега кога е сосема јасно дека од страна на Бугарија повторно ќе бидеме блокирани за пожеток на преговорите, само по себе се наметнува прашањето, кога за добивање датум за почеток на преговорите се чека толку многу години, колку време ке ѝ треба на Македонија да ги заврши преговорите да стане членка на ЕУ.

Во ваква ситуација се чини крајно време е Македонија конечно да се сврти кон себеси. Наместо да чека да добие датум за преговори за влез во ЕУ и потоа да почне да се европеизира, Македонија треба да работи на своја европеизација уште што би рекле некои од вчера, а не од денес.
      На Македонија не ѝ е потребен датум за почеток на преговори да го реформира судството, да направи реформи во јавната и државната администрација, да се има ефикасен парламент во кој пратениците ќе носат закони во интерес на граѓаните, да воведе вистинска пазарна, а не партизирана економија, услови за бизнис во кој сите ќе имаат еднакви шанси, подобро и поефикасно здравство, квалитетно образование, чиста животна средина,  ефикасен и професионален дрзавен апарат, реформи во кои секој ќе ја бара и гледа својата шанса да успее.
       Не треба да се чека да се добие датум за преговори за политичарите во Македонија да сфатат дека тие се избрани од народот за да работат во интерес на народот, а не за себе и своите најблиски. Колку пати само досега и од страна на народот и од страна на европските дипломати и ментори им е кажано на македонските власти дека борбата против корупцијата и криминалот треба да биде секојдневна работа и неселективна, дека злоупотребите на функциите не смеат да се аминуваат, дека народите пари треба крајно домакински да се трошат. Сите овие услови им се добро познати на македонските политичари.

За нивно спроведување и реализирање не треба да се чека датум за преговори.

Војната во Украина покажа дека Европа не е веке тоа што беше. Таа, која толку многу се колне во единството и консензуалното одлучување, во голема мера е разединета. Војната во Украина покажа дека Европа не само што не е единствена во начинот за справувањето со конфликтот, кој однесе илјадници невини животи, туку нема ни концепција како да излезе од кризата во која покрај Украина се внесе и самата себе.Во изминатите три месеци од почетокот на војната видовме дека Европа, и покрај санкциите што ги спроведе спрема Русија, повеке се грижи како да набави поевтин гас или енергенти и да ги заобиколи санкциите отколку да ја спречи војната во Украина.
Некои паметни луѓе рекле – наместо секојдневно да чекаме да добиеме датум за преговори и да чекаме да влеземе во Европа, треба Европа да ја донесеме кај нас. Тоа не само што е можно туку е и остварливо. И што е најважно, тоа не зависи од некои други, туку од нас самите. Доколку ги реализираме сите тие реформи и ги практикуваме тие европски стандарди најмалку ке биде битно дали и кога ке добиеме датум за преговори.

 Доста со децении летавме во место, како ликовите на Горан Стефановски, Султана, Евто, Михајло.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*