Home / Економија / Македонија лидер во привлекување на странски инвеститори

Македонија лидер во привлекување на странски инвеститори

Присуството на европските компании во Македонија придонесува за подобрување на квалитетот на севкупното работење преку воведување нови технологии и знаења, како и нови менаџмент практики и поефикасно корпоративно уредување, порача премиерот Никола Груевски на одбележувањето на десетгодишнината од основањето на Европската бизнис асоцијација (ЕБА)

Тој ги повика компаниите членки на ЕБА, но и сите останати да го вложат својот потенцијал за успешно поврзување и искористување на бизнис можностите за соработка кои ги нуди присуството на се поголем број странски компании во Република Македонија.

– Владата како и досега ќе работи на исполнување на стандардите во сите сфери, спроведувањето на европското законодавство во пракса…Нашите континуирани напори за приближување на земајта кон ЕУ и НАТО даваат сигурност за странските инвеститори  за обезбедување политичка стабилност, квалитет на институциите и развој на демократските процеси, како и за остварување на економскиот развој. Македонија во континуитет одржува макроекономска стабилност со ниска стапка на инфлација, избалансирани јавни финансии, со одржливо ниво на буџетски дефицит и низок до умерен јавен долг што говори дека економските политики се соодветно поставени, потенцира Груевски.

Нагласи дека е важно да се каже дека сите сектори бележат раст, а особено индустријата и извозот кој порасна за 16,2 отсто и додаде дека извозот од ТИРЗ достигна до 950 милиони евра со што сочинува над 30 проценти од вкупниот извоз од земјава.

Тој посочи дека една до клучните цели во наредниот период ќе биде обезбедување на поддршка за вклучување на поголем број на домашни компании во ланецот на добавувачи на странските компании  кои инвестираат во ТИРЗ во индустриските зони или надвор од нив.

– На тој начин ќе се искористат потенцијалите со кои овие компании располагаат и ќе се отворат нови работни места, рече Груевски потенцирајќи дека Владата обезбеди поддршка во таа насока преку повеќе мерки.

Претседателот на ЕБА Григор Бишев рече дека нивната асоцијација ги претставува компаниите што се основани од мајки компании во ЕУ со долгорочна традиција и долгорочни економски интереси во Македонија.

– Инвеститорите и компаниите што доаѓаат од ЕУ играат значајна улога во Република Македонија. Ние сме едни од најдобрите амбасадори во промовирањето на Македонија надвор и  во привлекување на инвеститори и промовирањето на вредносни системи и стандарди во работењето кои ќе придонесат за побрзо економско интегрирање на Македонија во ЕУ, рече Бишев.

Тој посочи дека ЕБА има одлична соработка со синдикатите и со владините тела кои ја гледаат како позитивен партнер и нагласи дека министрите секогаш се отворени да ги слушаат барањата на ЕБА.

– Во интерес на сите нас е да имаме стабилен економски амбиент за стопанисување и брз пристап до пазарите бидејќи најголем дел од услугите и производите се пласираат во странство. Исто така ни требаат ефикасни и стабилни институции. Тоа е подеднаков интерес како на членките на ЕБА, така и на сите компании во Македонија и на носителите на економските политики. Ние како компании тоа го бараме за да ги оствариме нашите функции, а  остварувајќи ги нашите функции ние отвораме нови работни места, го зголемуваме производството и на тој начин придонесуваме за подобрување на живoтниот стандард и економскиот раст на националната економија, рече Бишев

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека намалувањето на растот на европската економија претставува предизвик за Македонија, бидејќи е високо интегрирана со европската економија.

– Македонската економија се уште докажува дека е отпорна и имаме добар раст оваа година. Двата главни столба на раст се фискалните стимулации преку спроведувањето на различни инфраструктурни проекти и извозот поттикнат од компаниите во слободните економски зони, а во одредена мера и од домашните компании. Главното прашање е колку е одржлив овој модел на раст и што може да се очекува во следниот среднорочен период, рече Ставрески.

Одговорот, нагласи, е дека моделот е одржлив во балансот меѓу инфраструктурата и фискалните стимулации, но учеството на приватниот сектор треба полека да се пренасочува давајќи поголема улога на приватниот, а помала на јавниот сектор.

– Македонија може да ја направиме поконкурентна преку инвестиции во човечки инфраструктурен капитал. Како Влада во наредниот период ќе инвестираме во нови патишта, пруги, инвестиции во енергетската инфраструктура, завршување на гасификацијата и гасната мрежа,…. Од друга страна треба да продолжиме со инвестиции во човечкиот капитал, бидејќи сакаме да ги подобриме  вештините на работната сила и да ја направиме попривлечна за компаниите- рече Ставрески.

Евроамбасадорот Аиво Орав порача дека ЕБА порасна во респектабилна организација која ги штити интересите на инвеститорите, но и на локалните компании и притоа има тесни бизнис врски со земји од ЕУ.

– ЕБА работи континуирано сега и во минатото на привлекување врз привлекувањето на вниманието врз конкретните потреби на европските  бизнисмени, рече Орав и додаде дека е очигледно дека Владата на Република Македонија и понатаму останува посветена на раст и на развој на приватниот сектор.

(МИА)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*