По налог на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утрово се приведени над 20 лица, поранешни полициски функционери, пратеници и организаторите на протестите на 27 април пред македонското Собрание.
Обвинителството дало налог за приведување на 36 лица, а дел од нив се уште се недостапни за полицијата. Приведените во моентов се на сослушување во кривичниот суд во Скопје.
Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, како и началниците на специјалните сили и на одделението за јавен ред и мир во МВР се меѓу приведените по налог на обвинителството.
Приведени се и Митко Пешев, поранешен началник на одделението за специјални полициски операции, и Душко Лазаров, началник во секторот за Јавен ред и мир.
Чавков во моментов е во Кривичниот суд каде дава исказ пред судија на претходна постапка.
Митко Чавков за време на настаниете во април раководеше со оперативниот штаб на МВР. Од пониските структури од МВР тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратеници и пратеници и новинари.
Покрај Чавков, приведени се и пратениците Крсто Муковски и Жаклина Стефановска, актерот Владо Јовановски, Горан Ангелов – Ќосето од Велес, поранешниот директор на ФЗОМ Сашо Стефановски, пратеникот Љубен Арнаудов од Охрид, пејачот Игор Дурловски, а полицијата трага по Богдан Илиевски познат како „Бетмен“, по пратеникот Јохан Тарчуловски и по други лица..
Обвинителството со соопштение информира за апсењето на 36-те лица:
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка.
По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик- соопшти Обвинителството.