Маж и две жени се тројцата загинати во тешката сообраќајна несреќа што се случи ноќеска околу 1.40 часот, кога на влезот во Лесковац, Србија се преврте македонски автобус, пренесе изјава од лесковачката болница српската агенција Бета. Во тек идентификацијата на загинатите.
„Во врска со автобуската несреќа во Србија, за сега официјално од српските власти ја имаме добиено само информацијата во врска со превозникот, а тоа е дека станува збор за автобуски превозник од Струга, со регистарски таблици Euroturs SU 3325 AC. Се чека на дополнителни инфорамции, потврда за број на загинати и повредени и други информации поврзани со несреќата. Веднаш штом ќе добиеме потврда од српските власти, ќе информираме. Министерот за здравство Венко Филипче, Генералниот секретар на Влада Драги Рашковски и претставник на амбасадата на Република Македонија во Белград се упатени кон местото на несреќата“, соопштија од македонското МНР.
Тројца од патниците со тешки повреди се на интензивна нега во одделот Хирургија болницата во Лесковац додека еден е на Ортопедија. Останатите патници, – 23, се со полесни повреди.
Според српските медиуми автобусот патувал кон Виена. Несреќата се случила во 1:40 часот на влезот во Лесковац.
„ Автобусот беше превртен, а три лица беа без знаци на живот. Медицинските екипи од Лесковац кои први стигнаа на местото на несреќата даваа помош на повредените, но имаше и патници кои беа заглавени во автобусот и тие беа извлечени со помош на противпожарните спасувачки екипи на МВР. Еден од патниците кој беше прв згрижен имаше симптоми на фрактура на черепот. Најтешко повредените беа пренесени во болницата во Ниш“ рече доктор кој учествувал во спасувањето на патниците.