Новите административни закони денеска беа презентирани пред претставници на институции од јавниот сектор во Битола. Министерот Иво Ивановски заедно со стручен тим од министерството ги претставија најбитните сегменти од спроведувањето на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.
Како што појасни Ивановски на средбата на која присуствуваше и битолскиот градоначалник Владимир Талески, целта на имплементацијата на законите е воспоставување модерна и сервисно ориентирана јавна администрација.
– Потребно е институциите што побрзо да направат функционална анализа на работењето и да изготват нова систематизација која ќе ја поднесат до Министерството за информатичко општество и администрација. Со новиот Закон дозволено е максимум 50 отсто од постоечките вработени да има нови слободни работни места во систематизацијата. Тоа значи дека функционалната анализа треба да покаже кои се најбитните работни позиции, кои сектори и кои одделенија, рече министерот Ивановски.
При посетата на Битола Ивановски оствари средба и со претставници на компании од ИКТ секторот, на која ги информира за реализираните проекти на Министерството во информатичко-комуникациската област, како и за идните активности и заедничката соработка на тој план. На средбата стана збор за потребите на компаниите од стручен кадар во ИТ сферата, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација.