Во комплексот француски гробишта во Битола ќе биде изграден нов музеј.
Камен темелникот на музејот беше поставен денеска во присуство на министерот за одбрана, Зоран Јолевски и државниот секретар за поранешни борци и историски настани, на Француската Република Жан-Марк Тодешини.
На церемонијата во Битола, на која присуствуваа градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, амбасадори, конзули и други лица, беше положено цвеќе на француските гробишта и се одржаа сеќавање за Првата светска војна и жртвите од воените дејствија во периодот 1914-1918 година.
– Тука сум за да придонесам за продлабочување на соработката меѓу Франција и Република Македонија и да искажам посебна почит кон целото население што страдаше во војната, посебно на жителите на Битола, но и сите жители во Македонија, нагласи Тодешини.
Битола, потсети, заради покажаната храброст во Првата светска војна, заслужи да биде цитиран во воената заповед и да добие Воен Крст 1914-1918 година.
– Битола за време на таа војна беше погодена од голем број страшни и ужасни бомбардирања, но и покрај големите загуби, населението упорно покажувало голема смелост и непоколеблива верба за победа. Денес преку овие споменици, Битола сведочи, раскажува и пренесува и така ќе продолжи во иднина, истакна Тодешини, државниот секретар за поранешни борци и историски настани, на Француската Република.
За време на престојот во Битола Тодешини отвори изложба на фотографии од фондот на браќата Манаки за Првата светска војна во Македонија, и ги одлукуваше со медал на Легијата на честа Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, почесен конзул на Франција, и со медал на националната одбрана, од златен ред, полковникот Енвер Јакупи, поранешен македонски аташе за одбрана во Париз.