Home / Колумни / (Не) педагошки закани и условувања

(Не) педагошки закани и условувања

Се тресеше гората, се роди глушец. Или поинаку кажано,многу врева за ништо. Учениците можат да бидат спокојни. Нивните професори нема да штрајкуваат и ќе продолжат да ги воспитуваат и образуваат.
По преговорите со министерот за образование Абдулаќим Адеми, СОНК одлучи штрајкот да го стави во мирување и ги повика професорите да ја држат наставата. И што би рекол Бубо Каров од К -15 и толку!
Како што е вообичаено кај нас, во синдикалното движење се случи тоа што многумина го предвидуваа дека синдикалците ќе најдат заеднички јазик со Министерството и дека штрајк нема да има.
Но тоа и не е толку битно. Кај нас не е ниту прв, ниту последен пат синдикатите да и се закануваат на власта и подоцна да седнат на заедничка маса и да најдат заеднички јазик и да се прават како ништо да не се случило.

Тоа што и Синдикатот и Министерството за образование чекаа толку долго за да го почнат социјалниот дијалот откако претходно си разменија многу ултимативни закани, е прашање на кое тие треба да дадат одговор. Зошто се дозволи да трае нивното препукување во јавноста толку долго е исто така прашање кое не смее да се игнорира.
Министерството за образование побрзо се одлучи по скратена пос-тапка да донесе закон со кој се регулираа(т) обврските на професорите за време на штрајк и со кој се предвиде дека за време на штрајкот (при)времено да се ангажираат други невработени професори кои ќе го држат воспитно-образовниот процес, отколку да седне на заедничка маса со СОНК.
Во полемиката кој е за штрајк, а кој против штрајкот, и за тоа кој ја има, или нема поддршката за штрајкот, се вклучи целата не само синдикална, туку и образовна машинерија. Секојдневно бевме сведоци кога разни групи, поединци, аналитичари, или организации, му даваа, или не му даваа поддршка на штрајкот.

Но тоа што не смее да остане без одговор се (не)педагошките закани и ултиматуми што ги видовме и што ги слушнавме во последните денови од сите страни, по најавата на штрајкот.

Во изминатите денови буквално оглувевме од (не)сериозните закани на синдикалните челници на СОНК за генералниот штрајк на просветните работници, кои го најавија уште додека се вршеа уписите во училиштата.
На таквите закани на СОНК дека секој кој нема да им се придружи во генералниот штрајк ќе сноси последици, стигнаа контразакани кон професорите дека штрајкот нема поддршка и не треба да го поддржат повикот на СОНК за штрајк и дека наставата мора да ја (о)држат, бидејќи нивна задача е да ги учат учениците, а не да штрајкуваат.

Иако сите се жалеа на закани, во еден момент сите почнаа да се закануваат едни на други.

Додека од СОНК бевме сведоци како се жалат дека директорите им се закануваат на професорите со отпуштање од работа, јавувајќи се во улога на заштитници на образовниот процес и на правата на учениците за образование, директорите на само еден ден пред штрајкот до сите професори упатија (не)педагошки ултиматум(и) дека не смеат да штрајкуваат и дека штрајкот нема поддршка кај просветните работници.
Беа упатени и (не)педагошки совети до родителите дека сите кои нема да ги пуштат своите деца на настава ќе платат по 2.000 евра казна.

И ако донекаде можев да ги разберам синдикалците и директорите како застануваа(т) во одбрана на образовниот процес, искрен да бидам, бев изненаден кога “апели“ за и против штрајкот стигнаа и од Унијата на родители.

Гледајќи ги неколкумина родители, како во неработен ден ги оставија своите домашни работи и одлучија да се стават во одбрана на своите деца-ученици, притоа советувајќи ги учителите и професорите да не си играат со нивните деца, туку да држат настава, буквално не можев а да не се прашам, кој ги избра нив и како токму тие се најдоа во Унијата на родители и да бидат најповикани и најзагрижени родители за последиците од евентуалниот штрајк.

Штрајкот како форма на изразување на револт и поставување на некои ултиматуми за исполнување на некои барања кои го тиштат членството е сосема легитимно право, па и на СОНК.
Но најавата на кој било штрајк, а особено во образованието, мора да биде добро обмислен и организиран. Притоа треба да се има чувство на одговорност дали барањата кои се ставаат на маса ја имаат поддршката на членството, или не.

Иако ми е сосема јасно дека нема професор, или учител кој не е за повисоки плати, сепак мислам дека СОНК не го избра вистинскиот момент кога треба да се бара зголемување на платите и кога поради кризата државата мора да се задолжува за да им ги исплаќа и овие плати.

Мислам дека за ова се свесни и самите просветни работници, кои верувам дека се доволно образовани за да ја сфатат состојбата во која се наоѓа не само образованието, туку и другите сектори во државата. Тоа верувам дека не треба да им го објаснуваат ни лидерите на СОНК, кои се борат за нивните права.
Затоа добро е што штрајкот е ставен во мирување, но во наредниот период мора на маса да се стават сите отворени прашања кои го тиштат образованието без притоа да се поставуваат какви било ултиматуми или закани и за сите проблеми кои го тиштат образованието да се разговара отворено и со аргументи, а не со ултиматуми и закани.

Менде Младеновски

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*