Don't Miss
Home / Колумни / (Не)политичките пораки на Каракачанов

(Не)политичките пораки на Каракачанов

                

          Во предвечерјето на распуштањето на Македонскиот парламент и распишувањето на предвремените парламентарни избори, во Битола се одржа промоција на книгите на министерот за одбрана и вицепремиер во Владата на Бојко Борисов,  Красимир Каракачанов за Тодор Александров и полковникот Дангов.

          Кога станува збор за Красимир Каракачанов, тој промоцијата на книгите како што е вообичаено ја искористи за да испрати старо – нови политички(историски )пораки до своите приврзаници, македонската и пошироката јавност.

          Кога е во прашање Каракачанов, тој на промоцијата не кажа ништо ново од тоа што на јавноста не му е познато.

          На оваа промоција, ново беше само тоа што за прв пат некои битолски  “патриоти” и “војводи” поддржувачи на ликот и делото на Тодор Александров, се промовираа себеси како македонски бугари, или бугарски македонци.

          Иако промоцијата на книгата на Каракачанов  не беше најавена како културен, или историски настан, сепак на истата присуствуваа битолчани, кои  долги години себеси се промовираа(т) како големи Македонци и Војводи, кои долги години по македонската независност (не)ги кријат своите бугарски чувства и корени.

          Присуството на своите поддржувачи, или сонародници, Каракачанов  го искористи да испрати некои политички пораки со историска содржина.

          Така тој како голем “љубител”  на Македонија  без око да му трепне, идеалогот на Македонија и Македонската револуционерна борба, Гоце Делчев го прогласи за самосвесен  Бугарин, на кој за разлика од денешните македонски Бугари не му требало бугарски пасош за да студира во Бугарија.

-Спорот меѓу Бугарија и Македонија е политички, а не историски, затоа што во историјата е јасно напишано, дека Гоце Делчев е Бугарин, рече Каракачанов и додаде:

-Историјата е јасна по тој однос, кој чита ќе разбере. Ги гледаш документите, ги читаш и треба да се замислиш. Ама да кажеш дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин само затоа што имал бугарски пасош, поголема глупост нема. Во тоа време на никој не му требало пасош на Бугарја за да дојде да учи на училиште или универзитет. Гоце Делчев доаѓа од Кукуш во бугарското воено училиште. Не оди во Атина, Белград или Санктпетербург, оди во Софија. Со тоа напишал што е, нема за што да спориме, изјави Каракачанов и остана жив.

Ваквите изјави на Каракачанов  за жал останаа без никаква реакција од најголемиот број присутни на промоцијата.

Тоа што загрижува е што изјавите на Каракачанов останаа без соодветна реакција и од надлежните државни органи, а и од членовите на Комисијата  која со бугарската комисија преговара за утврдување на фактите за (заедничката)македонско- бугарската историја.

За разлика од некои, кои  се чудат што  кажал Красимир Каракачанов во Битола, мене неговите изјави воопшто не ме изненадија.       

Тој тоа го зборува  веќе со децении  и во Софија и во Скопје, откако е стапнат на политичката сцена.

Мене ме (за)чуди тоа што Каракачанов тоа го кажа во Битола градот на револуционерната борба, пред  битолските “патриоти”, кои сите овие изминати над  три  децении од македонската независност себеси се декларираа(т) како најголеми “патриоти” и “борци” за македонската кауза и кои со двете раце се колнеа во ликот и делото на Гоце Делчев.

Додека сите тие порано тврдеа дека своите македонски патриотски чувства порано не можеле  јавно да ги искажуваат поради тоа што биле гонети и следени од  југословенските тајни служби, сега во слободна и независна Македонија  тие  себеси да се декларираат како македонски бугари, за кои и Гоце Делчев е Бугарин.

И толку за Каракачанов и неговите инстант Македонци и (само)освестени македонски Бугари.

Тоа што лично ме загрижува е што Македонија одејќи по патот за Брисел, за влез во НАТО и ЕУ, се откажува од се, па дури од себеси, само да ги исполни  барањата на еврокомесарите и ментори од Брисел.

Откако за да ги задоволиме ултимативните барања на Грција се откажавме не само од знамето и името, туку и од сите Македонци кои се родени и живеат во Егејска Македонија, сега, за наводно да ги стоплиме односите со Бугарија, почнавме да се откажуваме и од нашиот идеалог, чие име и дело барем до пред извесно време никој не се осудуваше да го (из)валка, Македонскиот револуционер  и учител, Гоце Делчев.

Настојувајќи пред се на  странците, а и на Бугарите да им се приближат,  од Гоце Делчев  деновиве во Македонија не се откажуваат само некои доцна освестени македонски Бугари, туку  дури и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој неодамна, без да биде предизвикан од никого,  изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин!?

Во изминатите три децении голем број Македонци, дали поради купување на поевтини возила, индекси, пасоши, бизиниси…  се откажаа од Македонија и на нотар изјавија дека имале бугарски корени и се чувствувале Бугари.

          Заслепени од  желбата да се оди на печалба во Европа, тие во настојувањето да ја напуштат Македонија, без воопшто да размсилуваат за последиците по државата, “самосвесно “  се декларираа(т) како Бугари.

Сега, кога како Македонци во Европа не можат да формираат  Македонски здруженија, туку само бугарски, бидјеќи тие за Цирих, Лондон, Рим, Сиднеј, се Бугари, бидејќи во тие земји влегле со бугарски пасоши, полека стануваат свесни за последиците од таквата нивна   наивност и бугарска асимилација.

Затоа последните провокации од Каракачанов во Битола треба сериозно сите да не замислат, зашто по се она што изгубивме во блиското минато, ако  се откажеме сега и  од Гоце Делчев, веќе нема ништо од Македонија.

Тој беше и засега останува последната икона пред која сите се крстиме  и молиме. Без Гоце Делчев не само што нема да влеземе во ЕУ, туку нема да не примаат ни на бунуштето  на историјата.

          На крајот една порака до Каракачанов. Ако националната припадност се одредуваше спрема тоа кој каде студирал, тогаш Македонците се светски граѓани, бидејќи најголемиот број од нив со македонски пасоши студираа(т ) во најпознатите светски универзитети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*