До крајот на годинава се очекува да бидат завршени активностите за обнова на регионалниот патен правец Битола-Ресен-Буково.
-Станува збор за инвестиција во вредност од шест милиони евра со која ќе бидат реконструирани 27 километри, истакна министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, при денешниот увид на градежните активности.
Мисајловски рече дека регионалниот пат се асфалтира и оти очекува првите седум километри да бидат завршени за месец до два и дел од патот од Битола кон Ресен да биде пуштен.
– Исто така, паралелно се работи на патот од Ресен кон Битола со што ќе се исполнат моите очекувања до крајот на годината комплетни да бидат рехабилитирани и санирани овие 27 километри. Овој проект е многу значаен за двата града и е составен дел на нашата програма, посочи Мисајловски.
Градоначалниците на Битола и на Ресен, Владимир Талески и Ѓоко Стрезовски, истакнаа дека патот е од исклучителна важност за двете општини и југозападниот регион.
Реконструкцијата на регионалниот пат Битола-Ресен-превој Буково ја вршат градежните компании „Гранит“ и „Илинден“.