Сржта на енергетската транзиција се обновливите извори на енергија, на светот и нам ни требаат промени кои вклучуваат прогресивно усвојување на технологии со низок јаглерод како клучен столб на енергетската транзиција, истакна генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски на трибината посветена на енегетиката која СДСМ вечерва ја одржа во Битола.
Ковачевски потсети дека во државата термоелектраните на јаглен и хидроцентралите се главни производствени капацитети на електрична енергија, но посебен предизвик сепак се обновливите извори на енергија.
-Процентот на производство на струја од ветер ќе го зголемиме со проширување на ветерниот парк во Богданци, а ќе градиме нов на друга локација. Воведуваме производство на струја од сонце и градиме фотонапонска централа во Осломеј, а се подготвуваме за градба и во РЕК Битола за што е планиран проект во вредност од 20 милиони евра. И, тоа што е многу важно а за што оваа Влада направи големи напори е повторниот старт на проектот Чебрен, инвестиција вредна над 500 милиони евра што ќе се реализира со јавно приватно партнерство, а АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата, истакна Ковачевски.
На трибината во Битола, генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски ги најави инвестициските активности во РЕК Битола кои во комбинатот ќе се реализираат на кус и долг рок.
-Готова е постапката за новите филтри во РЕК Битола. Со новиот финансиски план обезбедени се 32 милиони евра со кои ќе се направи темелна реконструкција на трите филтри и замена на сите вентилатори, а тоа со други зборови значи дека за прв пат освен монтирањето на филтрите кое се било во 80-те години на минатиот век, сега во 2020 година за време на капиталниот ремонт на Блок-3 ќе се врши темелна реконструкиција на електростатскиот филтер. Во 2021 и 2022 година ќе се реконструираат и Блок-1 и Блок-2, а од 2023 до 2025 година ќе ја завршиме втората фаза од овој процес односно десулфуризацијата. Овие зададени рокови заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање ги ставивме во Оперативниот план за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола, истакна Ковачевски.
За состојбите во енергетиката во државата на трибината што СДСМ ја одржа во Битола говореа д-р Александар Дединец од МАНУ кој предочи дека мал дел од македонската јавност знае дека токму актуелната власт донесе Закон за енергетика, пред еден месец е донесена Стратегија за енергетика, а токму денес во македонското Собрание беше донесен Законот за енергетска ефикасност и тоа според Дединец се големи успеси. Пред учесниците на трибината, д-р Весна Борозан говореше за енергетската заедница и регионалното поврзување и истакна дека ресурсите се планираат интегрирано, а производството на електрична енергија треба да биде со прифатлива цена и не на штета на животната средина, додека пак Ева Елерајт, директорка на Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларија во Скопје, пред аудиториумот нагласи дека енергетиката е важна тема во национален контекст и посебно во контекст на социјалната демократија.
Интерактивната јавна трибина на СДСМ во Битола ја модерираше Митко Андреевски, претседател на партиската комисија за енергетика.