Општина Битола и Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Битола денеска на пригоден начин го одбележаа Денот на македонските пожарникари.
Пожарникарската единица во Битола била формирана пред 179 години, а таа е првата и најстара пожарникарска единица во Македонија и од тогаш до денес се одликува со голема професионалност и ефикасност.
– Пожарите секогаш и во секое време се опасност и предизвик за секој од нас. Пожарникарската служба која е во надлежност на локалната самоуправа многу пати интервенирала и спасила многу човечки животи, имот и други добра. За жал многу пожари се случуваат надвор од урбаниот дел на градот, во шумско-планинскиот појас, често под сомнителни околности, но благодарение на добро опремените и вешти пожарникари, секогаш проблемите брзо се решаваат, изјави градоначалникот на Битола Владимир Талески.
ТППЕ-Битола е организирана на високо ниво, негува и остварува домашна и меѓународна соработка, солидно е опремена и презема превентивни мерки за спречување на пожари во Битола и пелагониските општини Могила и Новаци.
ТППЕ-Битола во која работат 38 пожарникари, располага со 4 специјализирани возила за гаснење на пожар, други пожарникарски возила, а соработува и со здруженија чии членови доброволци се јавуваат на повик при гаснење на пожар.