Со четири гласа за и четири гласа против, Државната изборна комисија го одби и последниот приговор поднесен од СДСМ за гласањето во избирачкото место 2011 во општина Теарце. Не гласаше, односно се иззема од гласањето, Суби Јакупи, член на ДИК од ДУИ.
Државната изборна комисија претходно двапати ги сослушуваше членовите на избирачкиот одбор од избирачкото место 2011 во општина Теарце, во ИЕ6.
СДСМ со овој приговор бараше да биде поништено гласањето на ова избирачко место бидејќи на почетокот на гласањето недостасувало едно гласачко ливче со кочанот на кој е впишан серискиот број.
При броењето на гласовите ливчето е најдено во гласачката кутија заедно со кочанот. Според членовите на СДСМ, нарушена е и тајноста на гласањето, а го нема и записникот број 15 од ова избирачко место.
Дел од членовите на ДИК констатираа дека е невозможно случајно да се откине ливче сосе кочанот освен ако не е тоа намерно направено. Тие констатираа дека се направени неколку повреди на изборниот законик во поглед на записникот 15, од кој оригиналот го нема. Други членови на ДИК тврдеа дека нема основа за прегласување бидејќи кочанот што недостигал е пронајден при пребројувањето на гласовите заедно со ливчето.
ДИК ја заврши седницата за приговорите. Од 16 поднесени, осум од БЕСА и осум од СДСМ, прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар. СДСМ вчера повлече два поднесени приговори.
По доставувањето на решенијата до партиите учесници на предвремените парламентарни избори на 11 декември ќе почне да тече 24-часовниот рок за поднесување тужби до Управниот суд. Судот, пак, треба да одлучи по тужбите во рок од 48 часа.
Извор: Нова Македонија