Шеесет и пет наши граѓани, кои кон средината на декември тргнаа на пат за Австралија, доживеаја мошне непријатна судбина. Нивниот далечен пат одненадеж стана мошне кус и тежок. Стигнаа само до Истанбул од каде по тридневно чекање на советскиот брод за Мелбурн, одново се вратија назад во Битола.
Тоа беше и единствен начин да се излезе од клопката што им ја направи на нашите граѓани претставникот на австралиската туристичка агенција Ѓорѓи Толис, грчки држвјанин од југословенско потекло.
Нему му беше доверена целата организација околу патувањето и сместувањето на нашите луѓе до Мелбурн.
Меѓутоа се случи она што никој од патниците не го очекуваше.
Најпрво беше поместен терминот на патувањето. Место на 9 од Битола патниците тргнаа на 19 декември. Патувањето до Истанбул го организира Толис во соработка со Деловницата на “Путник“ од Битола беше изведено мошне добро.
Во главниот град на Турција се било подготвено и се очекувал советскиот брод што сообраќа од Пиреја до Мелбурн. Меѓутоа иако бродот не дошол првиот ден нашите иселеници биле мошне спокојни, зашто Толис им ветувал дека ќе дојде утредента.
Наредниот ден се појавила истата слика како и претходниот. И овој пат чекањето било напразно. Патниците станувале по нервозни, но Толис успеал да ги успокои велејќи дека доаѓањето на бродот за утрешниот ден е завршена работа. Иако ненаспани и уморни патниците се помириле со тоа дека утредента, конечно, ќе го продолжат патот.
Третиот ден сите ги фатило паника откако Толис избегал, а биле известени да не го чекаат бродот.
На изиграните луѓе не им останало ништо друго освен да се вратат во татковината. Но, наишле на пречки бидејќи немале пари за превоз, а никој не се нафаќал да ги носи до Битола. Благодарение на посредството на нашата амбасада во Турција се вратија во Битола каде ги платија парите за превозот.
Сега целата работа е во рацете на истражните органи, а покрената е постапка против Толис.
Текстот е објавен на 7 јануари 1970 година во Битолски весник