Home / Колумни / Платени да не работаат

Платени да не работаат

Во изминатиот период кај нас многу мастило се потроши околу лицата вработени по етнички клуч во јавната и во државната администрација, кои се вработени, а со години речиси ништо не работат. Според некои (не)официјални податоци над 1.800 лица во Република Македонија се вработени во јавната или во државната администрација, а не работат. Додека голем број од јавните административци, вработени во јавната и во државната администрација се однесуваат по некогашното социјалистичко правило „нишај врата земај плата “, околу 1.800 државни службеници, кои беа вработени по етнички клуч и Охридскиот рамковен договор, не го правеле ни тоа.
Тие едноставно вратата во институциите каде што биле вработени ја отворале само еднаш месечно, кога се делела плата. Според некои информации голем дел од тие „вработени“ не го правеле ни тоа, туку платата ја добивале преку трезорот на трансакциска сметка. Таквиот начин на (не)работење наиде на остра осуда кај јавноста и особено кај невработените и вработените во приватниот сектор, каде што тие мораат добро да се испотат за да ја заработат својата плата. Токму затоа, за да се надмине овој проблем новиот министер за информатичко општество и администрација одлучи да стави ред во ваквиот начин на (не)работење и да им најде работа на „(не)вработените“ државни административци и јавни чиновници. И додека јавноста кај нас остро го осудува таквиот начин на работно (не)ангажирање на лицата вработени во државната управа и јавната администрација, речиси без никаква критика и буквално незабележано врви (не)работењето на голем број уметници во културата, кои со години примаат плата, а многу малку или речиси ништо не работат. Случајот со битолскиот Народен театар најдобро го потврдува тоа.

– Кај нас има артисти, кои со децении ги немам видено на работа, а секој месец редовно си земаат плата, без никакви задршки. Иронијата да биде поголема голем дел од нив, кои не се работно ангажирани во театарот, се „отепаа“ од играње улоги на други театарски сцени и покрај платата земаат доста добри хонорари – ни вели еден од доајените на битолскиот народен театар, М.А. кој не сакаше да крие дека и тој последните години, поради репертоарската политика на театарот, не е работно ангажиран и не добива улоги.
Тоа што особено загрижува е што додека некои артисти, или режисери едноставно ништо не работат, а земаат плата, не е мал бројот на артисти во градот под Пелистер, кои се отепаа од играње на други сцени или филмови. За таквиот нивни ангажман тие покрај платата од битолскиот театар си заработуваат и огромни хонорари, кои некогаш ги надминуваат нивните годишни плати. Слична е состојбата и со режисерите, сценографите и костимографите, од кои некои воопшто не се ангажирани, а некои не можат глава да кренат од работа. Ваквата состојба не е од вчера, ниту од денес.
Искрено речено, за ваквата состојба најголемиот број од уметниците не се виновни. Голем дел од вината за таквиот нивни статус, велат тие, го сносат луѓето што ја кројат репертоарската политика и режисерите, кои го имаат последниот збор околу нивната (не)ангажираност. Голем дел од нив се најостри критичари на таквото нивно (не)ангажирање. Артистите како уметници, кои кога се ангажирани постојано се на сцената, како на пробите, така и на претставите, ја имаат таа привилегија да не мораат како другите вработени во администрацијата да одат на работа секој ден од 8 до 16 часот и да се регистрираат со картичка дека биле на работа.
Уметничкиот карактер на нивната работа им дозволува кога немаат ангажман да не мораат да доаѓаат на работа.
За ваквата состојба во Битолскиот театар, на која не се имуни ни другите театри во државата, неодамна, за време на посетата на Битола, во еден неврзан разговор министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, изјави дека е запознаен со тоа, но дека во овој момент министерството не размислува како да го реши овој проблем со (не)работењето на вработените артисти.

– Лично мислам дека секој артист што одлучил својот работен век да го помине во театарот или на филмот, би дал сѐ да работи. Но тоа не зависи од него, туку од разни околности, а пред сѐ од режисерите и нивната репертоарска политика. Но мислам дека е време и за овој проблем да се размислува, зашто навистина не е коректно некои режисери постојано да ангажираат сѐ исти артисти, а некои со години да не добиваат улоги – изјави тогаш министерот Алаѓозовски, кој притоа додаде дека треба да се размислува и за хонорарното ангажирање на артистите и режисерите, кои додека во матичните куќи ништо не работат, во другите театри добиваат многубројни улоги, или претстави да режираат.
Иако кога е во прашање уметноста исклучени се сите правила што важат за другите вработени, сепак се чини дека и ваквата состојба е неодржлива.
Уметниците се во извесна смисла посебни луѓе, кои не подлежат на истите правила и закони како другите вработени во јавниот и во приватниот сектор, кои подлежат на Законот за работни односи.
Тоа на јавноста ѝ е јасно.
Но сепак навистина иритира начинот на кои одредени културни институции и во случајот театри, некои луѓе со години да не добиваат улоги (читај работа), а други, да се толку многу ангажирани.
Интересни се размислувањата на некои соговорници на средбата со министерот Алаѓозовски дека, во ситуација кога некои други градови, кои прават обиди да отворат театри, зошто тие не би биле таму ангажирани или, пак, додека се работно ангажирани во други проекти, кои бараат целосен нивни ангажман, да не добиваат цела плата од матичната куќа, туку платата да ја добиваат од другите институции што ги ангажирале.
И уште нешто. Режисерите кога ги планираат своите режии за одредени театарски куќи би требало да знаат со каков кадар располагаат и кои актери мислат работно да ги ангажираат.
На ваков начин, како што се сега поставени работите, губат сите и тие што седат дома, земаат плата, а не работат, како и тие што не можат да седнат од работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*