Ракометарите на Пелистер по две години од учеството на европска сцена во купот на ЕХФ се враќаат на европска сцена. Идната седмица тие ќе играат во Челинџ купот каде во рамките на третото коло се сраќаваат со екипата на “Дукла“ од Прага, Чешка.
-Поради рејтингот што го има екипата на Пелистер и резултатите од минатото ги прескокнавме двете кола и директно настапуваме во третото коло. Во Прага заминуваме идниот петок со автобус, а натпреварот ќе се игра во недела на пладне, по што веднаш се враќаме назад. Екипата на “Дукла“ е на четвртото место на табелата и немаме некои сознанија, освен тоа дека лигата нема којзнае каков квалитет. Но, со оглед на тоа како сме сега ние поставени, тие во оваа прва средба се фаворити, вели Никола Пискачев спортски директор на РК “Пелистер“.
Инаку, Пелистер е во фаза на реорганизација и за брзо време клубот ќе биде трансформиран во Акционерско друштво, а акциите ќе бидат во стопроцентна сопственост на Општина Битола. Токму кон општината Битола и градоначалникот се упатени најголемите благодарности бидејќи не се дозволи замирање на клубот.
Да споменеме и тоа дека Пелистер од 2005 година не освоил тутула во Македонската лига, а во 2012 година беше елиминиран од екипата на Мешков Брест од ЕХФ купот.
За ова учество се очекува екипата да биде засилена покрај Богдан Николиќ и од страна на Филип Симоновиќ двајцата од Црна Гора за кои општина Битола веќе ги плати и меѓународните сертификати за настап.
Тренерот Игор Николовски ќе ги има и двајцата во Прага, а ако се биде во ред околу трансформацијата, можно е уште едно засилување за реваншот.
В сабота екипата на Пелистер е домаќин на екипата од Прилеп.
С.Р.