Македонија како и цел свет веќе повеќе од еден месец се бори со пандемијата на векот, корона вирусот.
Иако сите претпоставки како на епидемиолошките стручњаци и обичните лаици се дека пандемијата уште долго време ќе не следи, сепак лично мислам дека како и секоја (заразна) болест, така и оваа најголемиот број од луѓето ќе ја преживеат.
Тие што истата ќе ја прележат ќе можат на своите поколенија да им (рас)кажуваат како што нашите дедовци и прадедовци ни (рас)кажуваа за тоа како ја прележаа чумата, која косеше додека тие растеа.
Пандемијата која деновиве навистина ни го смени не само животот, туку и начинот на размислување и расудување, убеден сум дека ќе помине. Дали за еден, два, или три месеци, или три години, тоа во овој момент најмалку е важно.
Но како и секоја болест, колку таа и да биде опасна. човекот ја прележува.
Многу поголем број луѓе ќе останат да живеат на овој свет, отколку што нема да успеат да преживеат.
Но тоа што ќе остане уште долго да не следи по оваа пандемија е нашиот менатлитет на самоуништување.
Таман помисливме дека корона вирусот ги обедини политичките партии и тие конечно почнаа да мислат на здравјето на граѓаните, последните денови нивната меѓусебна омраза и политичка пресметка се шири со поголема брзина од корона вирусот.
Иако живеме во период во кој прашање е дали ќе преживееме и кога стравот за животот е поголем од се, политичарите на власта и опозицијата, во последно време се однесуваат како да се наоѓаат во (пред)изборна кампања, па без око да им трепн,е за ситуацијата во која се наоѓаме се обвинуваат и пресметуваат едни со други.
Како во изминатиот период пред појавата на пандемијата да немаа доволно време да си кажат едни на други што мислат за себе и другите, или како да немаа доволно време да ни кажат колку ја сакаат државата или граѓаните.
Во изминатите години и децении се изнаслушавме за нивната филантропија, кон нас и кон Македонија.
Сега не е момент за политика.
Сега е момент за опстанок, борба за сечиј живот, за гол опстанок.
Во ова време – невреме, кога човечките животи станаа бројки и кога сите ние, кој помалку, кој повеќе сме дома и мораме да ги слушаме и гледаме страшните слики од Ломбардија, Бергамо, Милано, Мадрид. Њујорк, кога и најголемите оптимисти станаа големи песимисти и кога сите ние сме загрижени за своето здравје и здравјето на нашите најмили, навистина е непримерно да ги гледаме и слушаме нашите политичари како со своите “заразни “ политички глаголења секојдневно се прсметуваат и обвинуваат едни со други.
Состојбата во која се наоѓаме ние и државата во овој момент воопшто не е поволна за политички надмудрувања.
Сега воопшто не е момент кога своите партиско “експертски” познавања да ни се продаваат како спасоносни решенија со пари, кои не само што ги нема, туку никој не знае од каде ќе ги најде.
Денес сите треба да знаат дека од оваа пандемија можеме да излеземе без ширање на меѓучовечка и меѓупартиска зараза.
Ова е време кога треба сите да не обедини слогата, љубовта, ентузијазмот, разбирањето.милоста…
Сега е најважно да ги спасиме човечките животи, нашите и на нашите соседи, сограѓани.
Од оваа криза видовме и сфативме дека пандемијата на колена ги фрли и такви земји од Европа и светот, за кои мислевме дека се имуни на било која зараза и имаат лек за се.
Сега видовме дека и тие не биле тоа што мислевеме дека се, па затоа голем број Македонци кои се најдоа во странство побрзаа да се вратат во Македонија, во своите домови.
Се надевам дека најголемиот број од нив не се вратија тука за да се лечат бесплатно, а по завршувањето на пандемијата повторно да се вратат таму од каде што дојдоа.
Убеден сум дека тие сега кога се во домашна изолација, или принуден карантин ќе сфатат дека и во Македонија може да се живее убаво, доколку апетитите не се (пре)многу големи.
За добар и скромен живот во оваа наша земја од секогаш имало услови, па дири и тогаш, кога е во најголема криза.
Но за тоа треба да се погрижат политичарите, кои не сега, кога се бориме со пандемијата, туку веднаш, по нејзиното завршување, да се зафатат со целосна реформа на сите области во општеството.
Сега, кога во некои моменти од денот живите им завидуваат на мртвите не е време за продавање празна политика.
Сега е време со заеднички сили, на сите, без разлика од која политичка опција се, да се избориме за животот.
Сега е време кога сите ние на здравствените работници и државните власти да им помогнеме тие да се справат со пандемијата, која се заканува да не истреби.
А еден паметен човек рекол после смрт нема болест.
Иако не сакам да верувам во тоа, но се ми се чини дека доколку се продолжи со ваквите политики на ширање зарази меѓу луѓето може да не стрефи тоа.
А тоа убеден сум дека никој не го посакува, ни за себе ни за своите најблиски, па верувам ни за политичките противници.
Колумната можете да ја прочитате во најновиот број на Битолски весник, кој ќе излезе на 1 април.