Порака за мир, хармонија и единство ќе пренесе големиот концерт на белградската рок атракција “Партибрејкерс” вечерва на Широк сокак во Битола, најави денеска на прес- конференција во Битола фронтменот на “Партибрејкерс”, Зоран Костиќ, попознат како Цане Партибрејкерс.
“Партибрејкерс” вечерва настапуват на големиот музички хепенинг на сцената на Широк сокак со почеток во 21 часот.
-Пораката на групата Партибрејкерс каде и да одиме е дека луѓето на тие места не се оставени на милост и немилост во оваа сурово време во кое живееме. Ние со нашата музика мислиме на нив. Порака за мир, хармонија и единство ќе пренесе нашиот концерт вечерва во Битола, со цел, барем на час и половина, да заборавиме на сите глупости кои не опкружуваат. Верувам дека вечерва во Битола ќе биде многу убаво и дека ќе паметиме дека сме биле овде-рече лидерот на “Партибрејкерс”, Зоран Костиќ, додавајќи дека со Битола е емотивно поврзан:
-Многу ми е драго што сум тука во Битола бидејќи во овој град имам и роднински врски и сум емотивно поврзан со истиот. Битола е стар град. Првиот клавир на Балканот е донесен овде. Тоа е градот на Милтон Манаки. Па и Партибрејкерси овде супер ќе поминат-рече тој.
Концертот на “Партибрејкерс” е во рамките на меѓународниот арт фестивал “Битола Отворен Град 2015” во организација на Младинскиот Културен Центар Битола.
-Сцената на Широк сокак веќе е поставена. Се е подготвено за една голема журка вечерва. Рок концертот на Партибрејкерс пред битолчани ќе биде концерт за паметење-рече Златко Талевски, извршен директор на МКЦ Битола.
Со гостувањето на фестивалот “Битола Отворен град 2015” во рамките на Битфест, “Партибрејкерс”, премиерно ќе настапат во Битола.
Нивниот голем концерт на Широк сокак ќе биде отворен за сите љубители на музиката.
Самите “Партибрејкерс” за себе велат дека ним им успеа нешто што ретко успева во музиката, а тоа е да потраат исти и на тој начин да ги демантираат сите сомнежи дали рокенролот е дел од балканската култура. Партибрејкерс со својот модел на бунтовна група која зборува на јасен јазик никого не оставаат рамнодушен, во борба се со сите, но се подеднакво почитувани на целиот Балкан, и тоа повеќе од три децении. Составот затоа и остана влијателен и цитиран од оние кои сакаат да се занимаваат во рокенрол, вклучувајќи ги дури и политичарите.
“Партибрејкерс” преку својата музика ги пренесуваат пораките против насилство, посебно против военото насилство во текот на воената разврска во деведесеттите. Тоа е група која испраќа остри пораки против морално и социјално нечувствителните помагачи на транзиционите грабежи на општеството. Ориентарајќи се според моралните потреби “Партибрејкерс” сите овие децении бараат одговор што е добро, а што лошо.
Б.В.