Судот го одложи рочиштето за случајот „Поткуп” и покрај тоа што беа исполнети сите услови за истото да се одржи денес. Судијката Дијана Груевска-Илиевска го закажа следното рочиштето за 27 септември поради барањето на одбраната на обвинетиот Зоран Заев за изземање на снимките од посебните истражни мерки бидејќи истите се веќе објавени на „Јутјуб”.
Заев, кој денеска првпат се појави во суд како премиер на државата, рече дека тој и неговата одбрана биле на мислење дали да ја објават целосната снимка за да се дознае целата содржина или да бараат нејзино изземање како доказ, по што се одлучиле да ја искористат втората можност што им ја дозволува законот. Заев рече дека не треба да се биде експерт за да се види дека снимката е иста, само што таа што е објавена на „Јутјуб” е исечена на две места за да послужи за потребите на политичкото судење кое, како што алудираше Заев, беше организирано од претходната власт.
„Тие биле свесни дека со објавувањето на снимката го губат правото за нејзино користење пред суд, но за потребите на политичкото судење, решиле да ја објават”, изјави Заев.
Прашан дали очекува Обвинителството да открие кој ја поставил снимката на „Јутуб”, премиерот рече дека ОЈО веќе две години ја води истрагата, а се знае дека за чување и за процесирање на снимките од ПИ-мерките одлучува и одговорен е јавниот обвинител.