Home / Колумни / Предвремени партиски пофалби

Предвремени партиски пофалби

                           

        Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во саботата во Битола, во хотелот Епинал, во името на партијата даде отчет што сработиле  градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ  во изминатите 100 дена.

        Обраќајки им се на присутните градоначалници од Пелагонискиот регион, членовите на партијата и  другите гости, Мицкоски  изјави:

-Во изминатите 100 дена започнавме повеќе од 1.090 проекти. Или точната бројка е 1.093 за 100 дена. Започнати се со реализација 166 капитални објекти низ
целата територија на Македонија. Започнати се со проектирање, градба, или реконструкција на нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се
градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 километри. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. А, расчистени се повеке од 200 диви депонии.

Ова го истакна пред присутните градоначалници од Пелагонискиот регион и членовите на партијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во  отчетот за сработеното на градоначалниците од Пелагонискиот регион во првите 100 дена од освојувањето на локалната власт.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се залага за транспарентност и јавност во работењето, претходно  излезе со партиски “отчет “ за сработеното на некои градоначалници  за првите 60 дена од мандатот.

-Промените започнаа, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, за два месеци реализираа  десетина капитални проекти, кои веќе се реализирани, нови градинки, нови училишта, нови улици и булевари, нови паркови и спортски игралишта.

        Таа беше оценката на Мицкоски за работата на  дел од градоначалниците во државата, по победата на локалните избори.

        На врвот на пофалените општини  во тој  партиски “отчет”се најде и  градоначалникот на Општината Битола, Тони  Коњановски, кој  според  оценките на  Мицкоски  го забрзал решавањето на  еден од најгорчливите проблеми на граѓаните, запрената легализација на дивоградби од претходната локална власт, како и почетокот на реконструкцијата на мостот кај Безистенот како и  решавањето на спорот со планинарскиотдом Копанки, кој според Мицкоски по неколку години, повторно  ќе биде ставен во функција  Во тој “отчет “ партиските оценки за работата на градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ  стигнаа и за други општини.

        За сите нив беше нагласено дека  промените и реализацијата на програмата започнала  во општините кои ги предводат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, дека граѓаните се сведоци на новиот пристап кон функционирањето на општините, дека градоначалниците, како и советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ  биле во постојана комуникација со граѓаните, за да излезеле  во пресрет за нивните проблеми и проекти.

Добро е што раководството на партијата и лидерот Христијан Мицкоски  се грижат за работата на градоначалниците и нивните остварувања по победата на локалните избори.

Но ваквите партиски оценки  за работата на градоначалниците  се чини дека најблаго речено   не само што се пребрзани, туку се и  во најмала рака  претенциозни.

Старите рекле прво речи оп, па потоа скокни.

Право е на секоја партија, или лидер за каква транспарентност и презентација пред јавноста ќе се определат.

Но се ми се чини дека Христијан Мицкоски со ваквиот начин на “ транспарентност и отчетност “,  во кои      се промовираат проекти кои  се штотуку започнати, или  ги почнале претходните градоначалници на СДСМ, не им прави услуга на градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ.

Од “отчетот” на Мицкоски не може да се заклучи дали за само 100 дена од преземањето на локалната власт неговите градоначалници започнале  со проектирање, градба или реконструкција на нови 33 градинки и 68 училишта,206 улици, патишта 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови.

Дали тие се градат или реконструираат по  проектите изработени од нив, или од претходните градоначалници,со кои буџетски пари тие се реализираат, по  кои договори.

Ако градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ во првите 100 дена и покрај намалените буџети и блок дотации, во време на  здравствена и енергетска криза биле толку многу експедитивни и работливи,  не само што заслужуваат пофалби, туку и награди.

Но се ми се чини дека не ќе е баш така.

За тоа најдобро зборуваа “отчетите “ на градоначалниците од Пелагонискиот  регион кои не криеја дека по преземањето на локалната власт  се среќаваат со огромни проблеми и финансиски тешкотии, а некои и со блокади на жиро сметките.

 Иронијата да биде поголема додека Микоски се фалеше за реализираните, или почнатите  проекти, градоначалниците од Пелагонискиот регион во нивниот настап повеќе се жалеа на огромните долгови кои ги наследиле  од нивните претходнции, отколку што се фалеа што направиле,  и дека поради високите сметки, кои патем речено не ги предвиделе во буџетите  кои тие  ги скроија, не се во состојба да ја плаќаат ни  потрошената електрична енергија, па бараат помош од Владата.

  Колку и  да заслужува внимание оценката на Мицкоски  за работата на градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ,  сепак се чини премногу е рано  да се дава оценка за  успешното раководење и менаџирање  на градоначалниците, врз основа само на една или две три – реализирани активности.

И  уште нешто. Не може како  како свој успех да се смета нешто што  некој претходен градоначалник,  го испланирал, изработил проект, обезбедил пари, спровел законита јавна набавка, потпишал договор… но поради губењето на мандатот,  неговиот наследник ќе треба да го реализира.

Битола и битолчани не се со кусо паметење и не боледуваат од деменција.

Тие многу добро знаат што се ветувале и реализирале претходните градоначалници, како од  ВМРО ДПМНЕ, така и од СДСМ и колку од нив (не) се  реализирале.

Токму заради таквите политики на неиздржани и финансиски непоткрепени планирања  Битола и ден  денес е без затворен базен, аердором, булеварски влезови, голф терени, подземни и катни гаражи, гасовод, топлификација, нов Клинички центар, почнат па неодвршен  аццелератор, без велосипедски патеки, ски центри, хотелски комплекси на “Ниже поле”, филмски град, аква паркови…  

Иако не сум човек кој се залага за “лет во место” сепак со промовирањето на успесите на градоначалниците не треба да се брза.

Време за оценки има доволно.

А најважната оценка за тоа што е направено и колку е направено од страна на градоначалниците  ја даваат граѓаните, а не партиите или нивните лидери, како што во сегашниот случај го прави  Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ.

Партиите своите партиски оценки треба да си ги остават за своите партиски тела и органи.

Работата на градоначалници треба да подлежи на оценка на граѓаните, бидејќи проектите кои се реализираат се плаќаат со народни,  а не партиски пари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*