Home / Вести / Уште една успешна година за Стопанска банка Битола

Уште една успешна година за Стопанска банка Битола

     

Во текот на 2021 година, Стопанска банка а.д. Битола континуирано го приспособуваше своето работење според случувањата поврзани со пандемијата на Ковид 19, која силно влијаеше на целокупниот домашен и глобален економски амбиент. Работејќи на натамошна дигитализација на производите, услугите и процесите со цел да се обезбеди безбедност и да се сочува здравјето, како и заради поголема достапност до клиентите, фокусот во изминатата година беше насочен кон засилена наплата што придонесе за остварување на значителен приход од наплата на претходно отпишано побарување.

Дејствувајќи проактивно во услови на динамично опкружување, Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за периодот 1.1.2021 – 31.12.2021 година, односно нето-добивка во износ од 345,10 милиони денари, а со тоа 2021 година е една од најуспешните во повеќедецениското работење на Банката.

  1. Финансиски перформанси на Банката

Нето-приходите од камати за периодот 1.1.2021 – 31.12.2021 година се задржаа на релативно стабилно ниво и изнесуваат 290,42 милиони денари, без поголеми апсолутни промени во однос на остварените во истиот период од претходната година. Во услови на надолен тренд на активните каматни стапки на ниво на банкарски сектор, паралелно со намалувањето на основната каматна стапка на НБРСМ, како и неминовното влијание на ковид-кризата врз субјектите во економијата, приходите од камати се пониски за 2,25 % споредено со минатата година, и покрај растот на кредитната активност.

Во извештајниот период се преземаа засилени активности за контрола на трошоците, меѓу кои и оптимизирање на изворите на средства и нивната цена, така што расходите по камати заблежаа подинамично намалување од 7,34 %. Паралелно со промените во приходите и расходите, нето-приходите од камати се намалија за само 0,20 % на годишна основа. Реализацијата на планот за нето-приходи од камати изнесува 82,15 %.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се повисоки за 10,72 % споредено со претходната година. Притоа кај приходите од провизии и надоместоци беше евидентиран позначаен годишен раст од 22,68 милиони денари,одразувајќи го растот на провизиите главно во делот на кредитирање, како и приходите од провизии од картично работење, додека расходите за провизии и надоместоци растеа со побавно темпо и бележат зголемување од 7,93 милиони денари. Остварените нето-приходи од провизии и надоместоци се повисоки од планираните за 23,96 %.

Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 26,06 милиони денари и бележат зголемување од 24,42 % на годишна основа. Остварувањето во оваа позиција го надминува планот за 2021 година за 4,25 %. Останатите приходи од дејноста се повисоки за 19,57 %, а тоа е резултат на ослободувањето резервации за потенцијални обврски во тековната година, што не е случај во претходната година. Исто и во оваа позиција реализацијата е поголема од планот за 2021 година за 3,86 %.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е позитивна во износ од 281,17 милиони денари, што главно се должи на ослободената исправка на вредноста од наплатата на претходно отпишано побарување нетирано со издвоената исправка на вредност за пласмани според проценките за квалитетот на кредитните изложености. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа е позитивна и изнесува 18,21 милиони денари, следствено на продажба на дел од преземениот имот во согласност со поставените плански цели.

Трошоците за вработените бележат намалување од 0,52 % споредено со претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 94,54 %. Останатите расходи од дејноста регистрираа контролиран годишен раст од 3,11 %, а реализацијата на планот изнесува 96,24 %. Амортизацијата на годишна основа бележи зголемување од 12,35 %, одразувајќи ги промените во недвижностите и опремата. Реализацијата на планот во оваа позиција изнесува 84,44 %.

  1. Промени во сметководствените политики и методи на вреднување

Во периодот 1.1.2021 – 31.12.2021 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2020 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собранието на акционери одржана на 26.5.2021 година, Банката не исплати дивиденда за 2020 година.

  1. Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Недвижностите и опремата бележат зголемување од 141,89 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2020 година, како резултат на стекнат недвижен имот во градба по основ на наплата на претходно отпишано побарување.

  • Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Обврските по кредити се зголемени за 6,49 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2020 година.

  • Очекувања за претстојниот период

Во периодот што следува, Банката очекува одредено стабилизирање на макроекономско опкружување и умерено нагорно придвижување во економијата, притоа приспособувајќи го своето работење на деловната клима и динамикaта на пазарот. Како фактор на ризик за очекуваното макроекономско стабилизирање, сепак останува неизвесноста околу цените на енергенсите, тековните проблеми во синџирите на снабдување и потенцијалните економски реперкусии од развојот на ситуацијата со Русија и Украина.

Во согласност со деловната политика, со развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде насочена кон стабилно и профитабилно оперативно работење. Фокусот на понатамошна дигитализација на производите, услугите и процесите во Банката и понатаму продолжува. Традиционалните банкарски производи – кредити и депозити ќе ги приспособуваме на потребите на нашите клиенти со цел и понатаму да им бидеме финансиски партнер и заедно да креираме дополнителна финансиска вредност. Во согласност со поставените стратешки и деловни цели, преку капитализација на добивката планираме подинамичен кредитен раст, а секако ќе создаваме и конкурентни депозитни производи како дополнителен извор за нашите клиенти. Како општествено одговорна компанија, ќе бидеме фокусирани кон зелено финансирање, поддршка на заедницата и животната средина. Планираме и раст на бројот на клиенти и зајакнување на позицијата на пазарот. Во сила остануваат поставените стратешки и деловни цели на Банката, се вели во соопштението на Банката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*