Премиерата на новата, осма по ред претстава „Скршената стомна“ на независната театарска куќа „Интимен театар“ од Битола е закажана на 30 декември (петок) со почеток во 20 часот.
„Скршената стомна“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева е правена по мотиви од Хајнрих Фон Клајст (германски автор од почетокот на 19 век) и авторски текстови на Билјана Крајчевска. Специјална гостинка е госпоѓа Летка Андреевска, која преживеала рак на дојка, но не дозволила болеста да ја скрши, а токму за тоа ќе говори во претставата.
– „Скршената стомна“, е претстава за човекот на дваесет и првиот век, којшто е претворен во шуплива кукла, манипулирана само и единствено од моќта на капиталот. Емоциите, љубовта и семејните социјални врски, сè поретко се појавуваат во секојдневието на човекот, што е пласиран и определен само и единствено од пазарот на трудот. Кариерата и финансиската моќ се ставени пред основните човечки начела и принципи. Инстант живеењето нè осакатува и нè претвора во осамени, егоистични и антисоцијални индивидуи. Во натпреварот за поуспешна и поисплатлива кариера, станува сè потешко да се создадат семејство и поколение, па оттука се поставува прашањето дали капиталот е доволно добар за да го замени нашето неродено дете, нашите љубовни врски… Дали капиталот е доволно емоционален да го замени човечкиот стремеж за социјална припадност? „Скршената стомна“ е расказ за изгубениот и заблудениот човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес. Со помош на огромната индустрија, таканаречена „пластична хирургија“, надворешноста се доведува до перфекција, а душевноста затапува и го губи својот фокус. Оттука и идејата дека по улиците шетаат полумртви кукли, жртви на чудовишниот капитализам, што пополека се прекршуваат и ја губат својата животна рамнотежа, вели режисерката Софија Ристевска-Петрушева.
Б.В.