Don't Miss
Home / Култура / Преполна сала на свеченото отворање на „Битола Шекспир фестивалот“

Преполна сала на свеченото отворање на „Битола Шекспир фестивалот“

Претставата „Антоние и Клеопатра” во режија на Џон Блондел и во изведба на Битолскиот театар синоќа, на отворањетото на третиот Интернационален театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал”, наиде на особен прием кај публиката која ја награди со овации актерската екипа.

sekspir 4

sekspir 5

Делото на големиот англиски драматург првпат е преведено на македонски јазик од професорот Драги Михајловски, а пред многубројната публика во салата на Битолскиот театар сценски ја донесоа Петар Горко, Марјан Ѓорѓиевски, Борче Ѓаковски, Викторија Степановска,  Валентина Грамосили,  Елена Моше,  Соња Михајлова и Петар Спирковски.

Шекспир ја напишал оваа голема трагедија во 1606 година, како последна од низата четири трагедии што и`претходеле: „Отело“, „Крал Лир“ и „Макбет“. Многумина, меѓу кои и самиот режисер Џон Блондел, ја сметаат „Антоние и Клеопатра“ како најтешка драма, но истовремено и како највозвишено уметничко достигнување на Шекспир.

sekspir 6

sekspir 9

– Ми претставува огромно задоволство и чест да бидам режисер на првото поставување на оваа драма на македонски јазик, преку еден нов и моќен превод на неспоредливиот Драги Михајловски и на мое огромно одушевување, да соработувам со извонредните уметници од Народниот театар Битола- изјави Блондел.

Драматургот Билјана Крајчевска потенцира дека „Антоние и Клеопатра“ на Џон Блондел е изведба на промени со примамлив естетски концепт: во првата половина претставата е комедија, а вториот дел преминува во трагедија.

– Крајниот резултат и призор на сцената (кореографски, костимски, сценографски и музички) даваат силна драмска моќ. Да се чита Шекспир, да се режира, да се игра и да се гледа е животна философија- смета  Крајчевска.

Вечер, на вториот ден на „Битола Шекспир фестивал“, ќе биде изведена претставата „Многу врева за ништо“ на Народното позориште од Сомбор, Србија, во режија на Ана Ѓорѓевиќ.

Битолскиот народен театар од денеска до 28 јули е домаќин и на работилница за развивање драмски текст инспириран од сонетите на Шекспир. Работилницата ја води професорот и шекспиролог Мартин Рандал од Канада.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*