На новата сцена на Народен театар Битола на 25 јули, во рамките на третото издание на „Битола Шекспир фестивал“, ќе биде изведена претставата „Хамлет“ од Шекспир, во режија на Џон Блондел со театарската компанија „Лит мун“ од Санта Барбара, Калифорнија, САД.
„Хамлет го зазема централното место во репертоарот на ’Лит мун‘ и поставуван е повеќепати од 2001 година сѐ до денес. Претставата започна со сценографот од Чешка, Милон Калис, со кого театарот имаше постојана соработка од почетокот на 2000 година сѐ до неговата прерана смрт во 2006 година“, објаснува режисерот Блондел.
Претставата „Хамлет“ е почитувана и призната како локално, така и интернационално и се изведувала на многу фестивали, како Интернационалниот фестивал во Народниот театар на Кина, на „Гдањск Шекспир фестивал“, во театарот „Фајрман“ во Прага, на „Монтреал вајлдсајд фестивал“ и „Монтреал фринџ“ (каде добила награда за најдобра изведба).
-Во изведбата на претставата може да се забележат бројни театарски елементи кои претставуваат белег на театарската компанија ’Лит мун‘, како физички пристап кон глумата, екстремен драматуршки пристап кон класичните текстови и моќен визуелен пристап кон шекспировото дело. Во фокусот на претставата е сценографијата од хартија која создава една мембрана меѓу животот и смртта и станува дел од драмското дејство. Хартијата на почетокот е чиста и недопрена, но до крајот на претставата треба да се види што се случува со неа. Возбудата е огромна што сме тука да го прикажеме нашиот Хамлет пред извонредната публика во Битола“, потенцира режисерот Џон Блондел.
На 25 јули, во 18 часот, ќе се одржи и специјална изведба на претставата „Хепиенд“ во режија на Благој Мицевски поставена во Народен театар Битола, а во чест на гостинот од Израел, Идо Нетанјаху, додека на 26 јули на програмата на „Битола Шекспир фестивал“ е претставата „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Александар Поповски поставена во Турскиот театар во Скопје.