Во врска со “игрите“ околу утврдувањето на пратеничките мандати на ДИК, пред седиштето на ВМРО ДПМНЕ се собраа голем број членови на партијата.
За причините за протестното собирање пред седиштето на ОК на ВМРО ДПМНЕ изјава даде портпаролката на ВМРО ДПМНЕ, Валентина Марковска.
-Изборите не се добиваат на маса со пенкало, закани или уцени. Изборите се добиваат на избирачките места каде граѓаните јасно и недвосмислено ја даваат својата поддршка според сопственото убедување, онака како што тоа го направија пред неколку дена. На избирачките места, секој глас е подеднакво важен, а гласовите на народот јасно покажаа кој е победник а кој губитник.
Пред Државната изборна комисија да ги соопшти првичните изборни резултати никој од вас воопшто не спомнуваше изборни нерегуларности, или изборни инциденти. Бројот на освоени мандати – 49, ве натера да почнете очајно да се заканувате со жалби, пребројување, прегласување.
На најмирните и најдемократските избори одржани досега, мнозинството македонски граѓани кажаа НЕ за двојазичноста, НЕ за поделбите, НЕ за менување на Уставот на државата. Нашата коалиција ја освои довербата и во бројот на гласови и во бројот на мандати. Со вистинската победа народот се гордее и за неа слави, а за изборниот резултат потврда добивме од сите пријатели на Македонија. Наместо лажни прослави и помпезни изјави, време е СДСМ да собере храброст и достоинство и да ни го честита остварениот изборен резултат- изјави Валентина Маркоска, портпаролката на ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола.
Б.В.