Don't Miss
Home / Uncategorized / Протести и контрапротести во Битола

Протести и контрапротести во Битола

И изминатиот викенд во Битола помина во знакот на протестите на граѓанските движења, од таканаречената “Шарена револуција“ и Граѓанското движење за одбрана на Македонија ГДОМ.

Во саботата, револтот што повеќе од еден  месец  го изразуваат приврзаниците на “Шарената револуција“, го изразија со обојување на споменикот на “Филип Втори“ на Плоштадот “Магнолија“ во Битола и побараа итно повлекување на аболицијата на Иванов за политичарите од власта, стопирање на закажаните предвремени избори на петти јуни и оставка на градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

-Со споменици не се гради и развива Битола, туку локалната власт во изминатите години го уназади градот, од кој си заминале многу млади луѓе. Со ништо не може да се наплати штетата што ја претрпевме во изминатите 11 години – изјавија приврзаниците на “Шарената револуција“.

 

Револтирани и згрозени од  бојадисувањето на споменикот на “Филип Втори“во Битола, приврзаниците на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, ГДОМ, во неделата, напладне, на “Магнолиа“поделија бесплатни боенки наменети за учесниците во “Шарената револуција“.

Целта, според ГДОМ, беше демонстрантите да не ги бојат спомениците, туку за тоа да користат боенки. Во постапките на демострантите од “Шарената револуција“гледаат намера за предизвикување хаос во Битола и Република Македонија.

-Со провокации сакаат да предизвикаат граѓанска војна, а немаат никакви иницијативи за подобрување на политичкиот систем. Зад нив се кријат мрачни сили кои на времето ја извршија криминалната приватизација, пирамидалното штедење со аферата ТАТ, политичките атентати. Им порачуваме да земат боенки и да почнат креативно да размислуваат – револтирано порачаа приврзаниците на ГДОМ во Битола.

Од “Шарената револуција“покрај споменикот, ги обоија  уште и зградата на Општината Битола, канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов и битолскиот Основен суд.

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*