На првиот ден во новата година, точно на полноќ, на Клиничката болница во Битола на свет дојдоа две машки близначиња.
Подарувајќи им парична помош и подароци, градоначалничката на Битола Наташа Петровска, која денеска го посети Гинеколошкото одделение на болницата, истакна:
– Имаме 17 новороденчиња во општина Битола од кои ноќва се родија 9 бебиња. На сите им посакувам здравје, живот, да се радуваат родителите на нив, да ги израснат во личности што ќе остават зад себе трагови и ќе покажат што значи навистина да ги цените благодатите на животот. За мене ова е радосен момент, навистина сум возбудена – рече градоначалничката Петровска.
Според зборовите на началничката на гинеколошкото одделение, Николина Ристевска, првиот ден на Гинеколошкото одделение бил доста среќен, плоден и бериќетен.
– Во текот на дежурството се родени 9 бебиња од кои седум раѓања по природен пат и две раѓања со царски рез. Првите новородени дечиња се близнаци. Првиот близнак е машко дете, кое се роди точно на полноќ. Тешко е 2.400 грама, а долго 45 см додека вториот близнак, кој се роди една минута по полноќ е тежок 2.410 грама, а е долг е 45 сантиметри.
Близнаците ѝ донесоа неизмерна радост на мајката Александра Стрезовска од село Бистрица, на возраст од 32 години, за која ова е второ раѓање.
Сите новородени бебиња се здрави и живи и се во добра кондиција, а мајките се во добра општа состојба, истакна Ристевска, која притоа додаде дека на Клиничката болница во Битола во 2017 година се родиле вкупно 1.100 бебиња, што е релативно добра бројка.