Изразуваме задоволство од пресудата на Кривичниот суд, правдата излезе на виделина, изјави обвинителката Ленче Ристоска, откако Кривичниот суд ги прогласи за виновни седумте обвинети во предметот Тврдина 2, меѓу кои е и поранешниот началник на Петта управа, Горан Грујевски.
– Ваквата одлука е во рамки на нашите очекувања. Ние рековме дека имаме цврсти докази против обвинетите и судот тоа го потврди – рече Ристоска.
Во врска со тоа што судот ги прогласи за виновни и шесте службенички вработени во УБК, Ристовска посочи дека тоа испраќа порака дека службениците што извршуваат наредби не смеат да бидат амнестирани.
– Не може подредените да бидат изземени затоа што постапувале по наредба. Одговорност мора да има. Очекуваме осудителни пресуди и за другите случаи на СЈО – додаде Ристоска.
Првообвинетиот Горан Грујевски, кој е во екстрадициски притвор во Солун, доби 18 месеци затворска казна. Службеничките што постапувале по неговата наредба се условно осудени.