Синоќа на Широк Сокак во Битола свечено беше отворен новиот Почесен конзулат на Руската Федерација во Република Македонија.
Новиот руски конзулат е сметен во новите простории кои што се наоѓаат во строгиот центар на Битола, на плоштадот “Магнолија“.
На свеченоста, на која присуствуваа голем број јавни личности од Македонија и регионот беше промовиран и новиот почесен конзул, познатиот биснисмен и спортски работник, Сергеј Самсоненко.
На свеченоста во Битола, амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак истакна дека почесните конзули имаат важна улога во развојот на трговските, економските, културните и други врски меѓу државите.
– Почесните конзули придонесуваат за зближување меѓу народите и зацврстување на нивното взаемно разбирање. Вечерашната свеченост сведочи дека руско-македонски односи се унапредуваат и добиваат нова големина и динамика. За Русите, Битола е особено место чија историја тесно е поврзана со Русија. За нас, Битола е свето место, рече меѓу другото амбасадорот Шчербак на синоќешната свеченост.
Почесниот конзул на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Самсоненко од денеска, 1. септември, има надлежност на конзулски округ кој ги вклучува териториите на општините Битола, Прилеп, Крушево, Могила, Кривогаштани и Новаци.
– Рускиот и македонскиот народ се многу блиски. Блиски сме по верска основа, а блиски сме и по генетска основа. Така беше, така е и така ќе биде секогаш, истакна почесниот конзул на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Самсоненко кој оваа функција ќе ја врши на предлог на руското Министерство за надворешни работи и со согласност на Владата на Република Македонија.
По повод свеченото отворање на Почесниот руски конзулат, на плоштадот „Магнолија” целовечерен концерт приредија македонските музички ѕвезди Елена Ристеска и Викторија Лоба.
Б.В.