Деновиве, кога како и целиот свет, и Македонија се соочува со
опасната заразна болест – коронавирусот. И кога човечките жртви поради
пандемијата, за жал, стануваат само статистички бројки, надлежните
институции и Владата секој ден татковски нѐ повикуваат на почитување на
предложените мерки за (само)заштита и (само)изолација, за да се намали
ширењето на пандемијата и да се одржи здравствениот систем на државата.
Но, за жал, иако најголемиот број граѓани ги почитуваат мерките, некои
од нив, засега од само ним познати причини, не само што не се
придржуваат туку како (не)намерно да ги кршат.
За да го заштити населението од пандемијата и да не дозволи ширење на
коронавирусот, Владата деновиве воведе поригорозни мерки за движење, па и
полициски час на целата територија за време на викендите. Но и натаму
има граѓани што се оглушуваат на мерките и препораките, а не е мал
бројот и на тие што негодуваат за воведувањето на ваквите превентивни и
неопходни мерки.
Навистина, што уште треба да ни се каже, напише или нацрта, за да им стане јасно на сите дека единствениот лек од чумата на 21 век, кој го „пропишуваат“ сите лекари, не само од кај нас туку од целиот свет, се (само)изолацијата и седењето дома? Седењето дома во моментот е бесплатната „терапија“, која не само што ќе нѐ спаси нас туку ќе ги спаси и нашите најмили од семејството и средината во која живееме. Но изгледа водени од логиката дека мене нема да ме стрефи заразата, или дека тоа што се случуваше во Кина, а сега во Италија, Шпанија, САД, Франција, Германија…, нема да дојде кај нас, голем дел граѓани, не водејќи сметка за сопственото здравје и за здравјето на другите, и натаму несериозно се однесуваат и не ги почитуваат ни препораките, ни мерките. А сведоци сме дека пандемијата од Кина не заобиколи ниту една држава во светот и дека стигна и кај нас.
И натаму може да се видат граѓани што не носат ракавици и заштитни маски, кои се туркаат во редици да купат одредени намирници, да платат сметки, си потпивнуваат пиво во групи, се собираат и групираат пред згради или во паркови, си прават во домовите журки, си одат во домашни посети, без притоа да водат сметка дека со тоа не само што го загрозуваат своето здравје туку и здравјето на своите најмили. Има и такви што и за време на пандемијата зад спуштените кепенци им ги дотеруваат ноктите на некои сограѓанки, прават фризури и масажи, а некои угостители сметајќи дека законските уредби не се однесуваат на нив и на нивни одбрани друштва, ги отвораат своите затворени угостителски објекти.
Многумина непослушни колонијалните продавници ги претворија во кафулиња. Со ваков начин на однесување, навистина е тешко да се сфати како некој може да биде толку неодговорен не само спрема другите туку и спрема себеси и најблиските, кога сите медицински стручњаци, не само кај нас туку и во светот, кажуваат дека (само)изолацијата и физичката дистанца се единствениот начин да ја преживееме пандемијата, а ние се оглушуваме од таквите совети и сметаме дека тие не се однесуваат на нас. Една мисла вели „човек кога е здрав има многу желби, но кога е болен има само една желба – да оздрави и преживее“.
Во ситуација кога секој ден сме сведоци како во светот од
коронавирусот умираат по стотици граѓани, мислам дека нема простор за
експериментирање. Иако засега бројот на починатите од пандемијата кај
нас нема драматични размери, сепак, според изјавите на надлежните
здравствени институции, состојбата и кај нас не само што е сериозна туку
може да биде дури и драматична. Ако не беше така, немаше да биде
прогласувана вонредна состојба во државата ниту да биде воведуван
полициски час.
Но, за жал, сите такви препораки, апели и законски мерки како да не ги
допираат многумина, кои и натаму се однесуваат крајно неодговорно, па
постојано наоѓаат изговори да ги напуштаат своите домови, требало тоа
или не. Многумина од непослушните (со)граѓани седењето дома го
доживуваат како казна.
А до пред појавата на пандемијата на коронавирусот, многумина од нив не избираа ни начин ни средства како да ги избегнуваат своите работни обврски и со вадење лажни боледувања да седат дома, или им завидуваа на тие што работеа од дома. Сега, кога најголемиот број од нив со уредбите на Владата се ослободени од своите работни обврски и кога државата ги пушта на платено седење дома, многумина тоа го доживуваат како казна и се обидуваат да ја избегнат оваа мерка, која не само што ќе го заштити нивното здравје туку ќе го заштити и здравјето на нивните најблиски. Навистина се фрустрирачки сознанијата дека во некои држави, иако не е воведена вонредна состојба или полициски час, граѓаните сепак се максимално дисциплинирани и без никакви дополнителни мерки или драстични казни се придржуваат на мерките, кои буквално се унифицирани речиси за целиот свет. Примерот со Словачка најдобро зборува за тоа. Во оваа земја, со околу 5 милиони жители, според некои информации, од коронавирусот беа заболени само 534 граѓани.
Во болниците биле сместени 160 пациенти, а само еден бил на респиратор. Од коронавирусот биле починати само двајца пациенти. И таму, како и кај нас, во сила биле истите мерки во справувањето со пандемијата. Рестораните и кафулињата биле затворени, забрането било шетањето по парковите и шеталиштата, а работеле само продавниците за продажба на продукти за исхрана и аптеките. Во Словачка нема ни вонредна состојба ни полициски час. Доволно било само што веста за мерките од страна на Владата била соопштена на националната телевизија и таа за сите словачки граѓани веќе била закон, а најголемиот број од нив ги почитувале.
Можеме ли и ние да научиме нешто од Словачка? Зарем е толку тешко и неподносливо сега, кога во прашање не е само нашето здравје туку и здравјето на нашите најблиски, да се биде во својот дом, со најмилите? Затоа сега е моментот кога сите ние треба да бидеме крајно сериозни и да ги почитуваме препораките не само на надлежните државни институции туку и на лекарите, чиј совет е со седење дома да ѝ се спротивставиме на заразата. Има време за дружби и дружења. Сега е време на организирана и енергична битка со заедничкиот непријател.
Превземено од Нова Македонија