По прес конференцијата на пратеникот Васко Ковачевски за хаварите во рудникот Суводол со реакција се јавија од АД ЕЛЕМ.
-СДСМ продолжува да шири лаги и дефетизам. Во повеќе наврати во минатото, АД ЕЛЕМ успеваше да ги демантира лагите и ширењето дефетизам со успешното работење на компанијата. Во текот на минатата зима СДСМ ширеше црни сценарија и посакуваше електро енергетска катастрофа. Но и покрај вонредните околности, АД ЕЛЕМ се справи со сите предизвици и не само што обезбеди стабилен енергетски систем во текот на една од најсуровите зими, туку обезбеди и отворени граници на електро енергетскиот систем, што не беше случај со некои соседни систем оператори.
Граѓаните на на РМ и вработените на АД ЕЛЕМ се сериозно загрижени од непознавањето на материјата од страна на СДСМ. Ковачевски очигледно повторно не е информиран. Доколку дојде во РЕК Битола ќе се увери дека ископот се одвива непрекинато. (Видео клип во прилог)
За правилно информирање на јавноста, должни сме да известиме дека се работи за рутински зафат на транспортерот, односно замена на механички делови, зафат кој нема да трае повеќе од 3 дена. Транспортерот очекуваме да биде целосно функционален во текот на утрешниот ден, најдоцна во среда наутро. Блокот 2 кој несреќно се најде во соопштението на Ковачевски е во ремонт согласно однапред утврдената динамика на работата на компанијата. Нагласуваме дека овие зафати нема да го нарушат процесот на производство на електрична енергија.
АД ЕЛЕМ како и секогаш продолжува во целост од сопствено производство да обезбедува електрична енергија за тарифните потрошувачи на РМ .
Како потврда за успешното работење на компанијата, сакаме да информираме дека АД ЕЛЕМ нема долгови кон вработените и добавувачите, има депозит од преку 20 милиони евра во комерцијалните банки како и тековна ликвидност од преку100 милиони денари. Сите развојни проектина компанијата кои значат нејзина поголема додадена вредност се завршени или пред завршување, се вели во реакцијата на АД ЕЛЕМ.