Don't Miss
Home / Градска хроника / Секогаш заедно против секакви поделби

Секогаш заедно против секакви поделби

Под мотото “Секогаш заедно”, ОУ “Крсте Петков Мисирков”, од битолското село Бистрица, во кое наставата се изведува на македонски и албански јазик, го прослави својот патронен празник, посветен на македонскиот преродбеник Крсте Мисирков. Годинашниот роденден беше одбележан во знакот на реализацијата на двата големи нови проекти, кои ова училиште ги доби во текот на минатата година: “Градиме мостови”, кој се реализира со поддршка на Министерството за образование, Мисијата на ОБСЕ и Швајцарската амбасада и вториот проект “Сто дена заедно” со едно основно училиште од Флорида, САД, поддржан од Амбасадата на Америка.

10472829_735624139845827_6621605547039736030_o

-Станува збор за проект, кој се реализира во виртуелна училница, специјално опремена за таква намена, во која учениците од нашето училиште преку интерактивна настава се запознаваа(т) со начинот на одвивањето на наставата кај нивните врсници во Флорида, САД, а воедно преку ваквиот начин на одвивање на наставата учениците имаа(т) можност да ги претстават и своите активности, култури и традиции, вели директорката на ОУ “Крсте Петков Мисирков”, Јованка Трајчевска.
Во рамките на свеченостите по повод патрониот празник на училиштето, кое постои од 1961 година, а во кое наставата се одвива на македонски и на албански јазик, се одржа отворен ден на училиштето, во кој учениците од сите класови имаа можност пред бројните гости да ги покажат своите знаења и вештини, а и овој пат не изостанаа бројните спортски натпревари, во мал фудбал и одбојка, во кои настапуваа и родители на учениците, а на кои повторно триумфираа спортистите на ОУ “Крсте Петков Мисирков”.

10629396_735624509845790_4220780199083998888_o

Во соработка со родителите, учениците од предметната настава го реализираа проектот “Јас прочитав книга, сакам да прочиташ и ти” при што родителите на училиштето им подарија над 50-тина свои книги, кои ќе ја збогатат училишната библиотека.
Богата активност имаше и детскиот парламент, кој во соработка со учениците од “Даме Груев” од Битола и “Александар Турунџев” од Кукуречани, ги изложија своите пораки за спречување на трговијата со луѓе.

Во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, учениците од подрачните училишта во Оптичари и Велушина, заедно со нивните врсници од Бистрица, каде наставата покрај на македонски се изведува и на албански јазик, заеднички изработија гулаб, кој го симболизира мирот и истиот му го подарија на централното училиште.

10293636_735624239845817_5959602921369158406_o

Со оглед на тоа што Бистрица е село во кое живеат доселеници од неколку краишта, пред се од Преспа, Јабланица, мариовскиот крај, Македонци и Албанци, кои се староседелци, учениците со помош на родителите за патрониот празник изработија разни специјалитети од нивните краишта, со кои ги почестија гостите на прославата.

Инаку, на ОУ “Крсте Петков Мисирков”, кое е т.н. “селско” училиште, можат да му позавидат многу “градски” училишта во Битола. Хигиената во училиштето е како во аптека, а наставата во училиштето е кабинетска.

Тоа што е најважно за редот и атмосферата во училиштето не се грижат само учителите и наставниците, или дежурните ученици, туку тоа е обврска на сите ученици.

10688125_735624589845782_6780496433295939957_o

Засега единствен проблем на училиштето е немањето спортска сала, но раководството на училиштето се надева дека и тој проблем, со поддршка на Министерството за образование и локалната самоуправа, ќе се реши.

Затоа изградбата на спортска сала во моментот е најприоритетен проект за ова училиште.

 

 

Кристијан и Ангела најчести имиња

Во рамките на одбележувањето на патрониот празник, најмногу “работа” имаа најмладите ученици, кои требаше да дознаат и утврдат кои имиња најчесто се повторуваат во дневниците во сите 15 подрачни и централното училиште. Истражувањето на учениците покажа дека во ОУ “Крсте Петков Мисирков” најчесто се повторуваат имињата Кристијан и Ангела, што не само за учениците, туку и за родителите беше до сега непознат податок. Дали ваквото сознание ќе придонесе овие две имиња и натаму да се даваат при крштевањето на новороденчињата во Бистрица, или ќе се смени, нешто останува да се види.

 

 

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*