Don't Miss
Home / Uncategorized / Шпанија го аминува Протоколот за ратификација на Македонија во НАТО

Шпанија го аминува Протоколот за ратификација на Македонија во НАТО

Шпанскиот амбасадор во САД, Сантиаго Кабанас, синоќа во Стејт департментот се сретна со заменик државниот секретар Филип Рикер и го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО. Документот неделава беше изгласан во Сенатот и потпишан од кралот на Шпанија Фелипе Шести.

-Добредојдовте во семејството на НАТО, порача амбасадата до македонското МНР и до Северна Македонија синоќа во соопштение на Твитер.

Стејт департментот сега треба да ги извести сојузниците дека сите земји членки на воената Алијанса ги депонирале ратификациите во Канцеларијата за меѓународни спогодби. Откако ќе добие писмо од генералниот секретар Јенс Столтенберг, тоа треба да го стори и Северна Македонија, по што нашата земја и официјални ќе стане 30. земја членка на НАТО.

Во меѓународното право, САД се јавуваат во својство на депо каде се депонираат и чуваат оригиналите на сите меѓународни договори.

Во архивите на Канцеларијата за меѓународни спогодби при Стејт департментот, на пример, депонирани се оригиналните текстови на Повелбата на Обединетите Нации или Статутот за Меѓународната агенција за атомска енергија. Меѓу овие значајни историски документи за првпат ќе се најде и документ за независна Македонија, ратификацијата за членство на земјата во НАТО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*