Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски викендов беше домаќин на српска делегација предводена од српскиот конзул Силјан Мицевски. На средбата делегацијата беше запознаена со основните карактеристики на општината а беа договорени и насоките за понатамошно делување и соработка особено во делот на заштитата на културно историското наследство од Првата светска војна.
– Со конзулот Силјан Мицевски, и секретарот за труд и социјала разговаравме за одбележување на 100 годишнината од Првата светска војна , за спомен костурницата и другите остатоци кои се наоѓаат на наша територија од овој период . Воедно стана збор и за изградба на пристапниот пат кој планираме да го реконструираме со средства од ИПА програмата за кој ќе аплицираме заедно со грчката општина Алмопиа. Овие културни наследства општината секогаш ги одржавала и секако ги реставрирала па со тоа ќе продолжиме и понатаму а е особено значајно за развој на меморијалниот туризам- изјави градоначалникот на општина Новаци,Лазар Котевски.
Република Србија е многу заинтересирана за обновување на светите историски места и нивно доближување до помладите генерации со цел поголема достапност за оддавање соодветна почит за дадената жртва во војниот период, посочи делегацијата од Република Србија.
-Како што знаете српскиот народ на ова подрачје има многу траги од различни историски периоди и тоа Првата светска војна оваа година одбележуваме 100 години, пробивањето на Солунскиот фронти други заеднички битки кои се воделе на овие простори. Со градоначалникот разговаравме за оспособување на пристапниот пат кој води до спомен костурницата која се наоѓа на Кајмакчалан а е од особено големо емотивно и секакво значење за српскиот народ. Ако се направи тоа мислам дека и општината ќе има голема корист затоа што ќе доаѓаат многу луѓе да ја посетат што ќе се претвори во еден вид меморијален туризам. Јас ќе се погрижам во овј проект да се вклучат и други амбасади кои биле вклучени во војната на ова подрачје за да направиме еден заеднички проект и да псотигнеме една заедничка цел- изјави српскиот конзул Силјан Мицевски.
Општина Новаци беше вклучена во испраќањето помош до граѓаните на Србија кои беа погодени од големите поплави за што делегацијата на градоначалникот му врачи Благодарница.
Катерина Чукалевска