Don't Miss
Home / Македонија / Стојанче Рибарев поднесе оставка од функцијата претседател на кривичниот суд од лични причини

Стојанче Рибарев поднесе оставка од функцијата претседател на кривичниот суд од лични причини

В.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, поднел оставка од функцијата претседател на судот, објави Судскиот совет на официјалната веб-страница. Тој пред неколку дена заминал на боледување.

Негова замена ќе биде судијката Деана Груевска-Илиевска.

Функцијата ја извршуваше од средината на март како замена за тогашната в.д. претседателка, Татјана Михајлова.

„На 25.10.2017 година в.д. претседателот на Основен суд Скопје 1 Скопје, Стојанче Рибарев, до Судскиот совет на Република Македонија достави писмено известување дека поднесува оставка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје и по неговото разрешување да продолжи да ја извршува функцијата судија на Врховниот суд на Република Македонија. Според наводите во известувањето, причините за поднесувањето на оставката се од лична природа“, објави Судскиот совет.

Судскиот совет се очекува да закаже седница на која ќе одлучува за оставката на Рибарев.  Со распоредот на предмети Рибарев распредели 17 обвиненија што ги поднесе СЈО. Неофицијално, пред да поднесе оставка, Рибарев бил на распит во СЈО во предистражна постапка за злоупотреба на АКМИС-системот во кривичниот суд.

Рибарев ја напушта функцијата кога судот сè уште не ги оценил обвиненијата за „Тврдина – Таргет“ за екстрадиција на уапсените во Солун – Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*