Денеска, беше вистински празник за најмладите во Битола. Зоолошката градина никогаш не беше толку масовно посетена. Во присуство на првиот човек на Република Македонија, претседателот на државата Ѓорге Иванов, заменик- министер за локална самоуправа Љупчо Пренџов , претставникот на Европската унија, Робин Лидл, градоначалниците од Пелагонискиот регион, како и градоначалниците на Битола и Лерин, од соседна Грција, официјално беше пуштена во употреба новата, реконструирана Зоолошка градина.
Финансиската рамка на проектот изнесува околу 1, 2 милиони евра (обезбедени од страна на Европската Унија), од кои 700.000,00 евра се наменети за реализација на проектните активности во Република Македонија (85% од финансиските средства се обезбедени преку Делегација на Европската Унија, 15% од финансиски средства се обезбедени преку Министерство за локална самоуправа), во кои активности спаѓа и реконструкцијата на 6 живеалишта и 2 комплементарни објекти во Зоолошката градина во Битола.
Останатите предвидени 500.000,00 евра се наменети за реализација на проектните активности во Република Грција.
Со реконструкцијата на Зоолошката градина, Битола се стекна не само со модерна зоолошка градина, во која животните ќе имаат одлични услови за живење, по сите европски стандарди, туку таа ќе стане и регионална Зоолошка градина, која ќе можат да ја посетуваат и најмладите од другите соседни градови како и од соседна Грција.
Нагласувајќи ја важноста на ваквите прекугранични проекти, престваникот на Европската унија, Робин Лидл меѓу другото рече дека Зоолошката градина во Битола ќе има и едукативен карактер, бидејќи ќе биде отворена училница за најмладите, каде учениците ќе можат да се запознаваат со животните и да учат за нив.
Заменик- министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов ја нагласи поддршката на Владата за реализацијата на ваквите прекугранични проекти.
Тој притоа додаде дека досега од ИПА програмата од Европската комисија во Република Македонија се реализирани над 150 проекти, во вкупна вредност од 16 милиони евра.
На присутните гости и посетители им се обрати и градоначалникот на Битола д-р ВладимирТалески, кој откако им се заблагодари за поддршката на проектот нагласи дека со реализацијата на овој проект не само што најмладите во Битола ќе бидат поблиску до природата, туку сите заедно ќе бидеме поблиску до соседите од соседна Грција, кои секогаш соработуваат со Општината Битола кога се работи за изградба на исклучителни проекти.
Б.В.
Фотогорафии С. Ристевски