Денес, на 29 април Битолски весник го одбележува својот нов роденден, 52 години од излегувањето на првиот број и ќе почне да ја испишува 53 тата година од својата богата историја.
Пред точно 53 години, на 29 април 1964 година на прославата на празникот на трудот, 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник.
Во изминатите 52 години од печатењето на првиот број, за Весникот биле кажани многу мисли, биле напишани многу кажувања, дадени се безброј изјави, речени се многу зборови…
Некои за Битолски весник велат дека е сведок и хроничар на градот.
Други сметаат дека Весникот е битолски Пиреј, кој во изминатите 52 години успешно опстојува, не само на битолскиот, туку и на македонскиот медиумски простор.
Сите тие такви мисли и кажувања на одреден начин не само што го нагласуваат огромното
значење на Весникот, туку и на најдобар начин го прикажуваат огромниот ентузијазам и непокорот на сите генерации новинари кои работеле во Битолски весник да се опстои на медиумскиот простор.
Но една мисла искажана од професорот по новинарство проф. д-р. Томе Груевски по повод одбележувањето на златниот јубилеј, 50 години од излегувањето на првиот број, на најдобар начин не само што зборува за огромното значење на Весникот и длабоката трага што тој ја има оставено во цел овој изминат период, туку на најдобар начин го прикажува Битолски весник во сите овие 52 полни изминати години.
-Битолски весник е Светилник не само на битолското, туку и на македонското новинарство, напиша тогаш проф. д-р. Томе Груевски. Тој не само што со своето опстојување зборува за Гутенберговата
галаксија, туку на најдобар начин му пркоси на сите мрачни предвидувања дека во ова(не)време на технолошка револуција во медиумите, доаѓа крајот на печатените медиуми.
Во една прилика, наедна меѓународна конференција во хотелот “Холидеј ин“ во Скопје, која се одржа пред 5 години, при една дебата,едно време сопственик на неделникот “Форум“ новинарот и повремено политички аналитичар, Сашо Ордановски на моите укажувања за состојбите во печатените медиуми, особено во локалните весници, Сашо во негов стил ми порача дека да не се грижам многу за Весникот, зашто до следната конференција, кога ќе се видиме и Битолски весник ќе згасне. Колку јас и да се трудам и да се залагам да опстои Весникот тоа е бесмислено ми порача тогаш, Сашо Ордановски.
Кога на таквото негово предвидување му возвратив дека не само до наредната конференција, туку дека и во наредните децении, додека нас вработените во Весникот не држи ентузијазмот и умот, Битолски весник ќе се печати, тој само цинично се насмевна.
Оттогаш, со Сашо Ордановски сум се видел неколку пати и просто човекот не може да сфати како Битолски весник и натаму редовно излегува, а неговиот “Форум# кој имаше и сопствена печатница престана да се печати.
Ниту тој тогаш, ниту некои други сега, кои многу не не милуваат не можат да разберат кој е рецептот за опстанокот на Битолски весник.
Иако не верувам дека со тоа што ќе им го откријам “рецептот“ таквите “душегрижници“ ќе го сфатат сепак ќе се обидам да им објаснам.
Вработените во “Кромберг и Шуберт“ на сите свои предизвици кои ги имаат во своето работење велат дека нивната девиза во работењето е “Ќе ве победиме со љубов“.
Оваа филозофија на “Кромберг и Шуберт“ Битолски весник ја негува многу одамна, мислам уште од излегувањето на првиот број.
Љубовта што ние во “Битолски весник“ ја имаме кон Весникот е многу поголема и посилна од злобата и омразата на тие кои на секој начин се обидуваат, ако не можат да го згаснат,
тогаш барем да го доведат во прашање редовното излегување на Битолски весник.
Таа љубов, која сегашниот малуброен, но вреден колектив на Битолски весник ја има кон Весникот, верувам дека ја имаше и еден од иницијаторите за излегување на Битолски весник, првиот главен и одговорен уредник Владо Ласковски, кој ги постави темелите на Весникот.
Додека беше жив во сите наши средби тој постојано ми зборуваше за љубовта кон Весникот.
Токму воден од таа љубов, тој пред триесетина години ме спречи да заминам во Скопје, кога весникот “Политика“ од Белград, за кој пишував ми понуди да бидам платен дописник на спортски “Журнал“ од Скопје.
Воден од љубовата кон Битолски весник бев еден и единствен кој одби да заминe за платан дописник во Скопје, за неколку кратно повисока плата и останав да работам во Весникот.
Иако, во изминатите над 36 години, колку што сум професионално во Битолски весник поминав низ многу премрежја мислам дека не згрешив.
Токму водени од таа огромна љубов кон Битолски весник, кој секоја среда го очекуваме како што мајките ги очекуваат да дојдат на свет своите новороденчиња, ние, сегашната генерација вработени во Весникот правиме се Битолски весник да опстои.
Тоа е наш долг кон сегашните и сите претходни генерации кои работеле во Весникот.
Нивниот аманет е наш завет.
Менде Младеновски