Don't Miss
Home / Uncategorized / Три месеци условен затвор за Прилепскиот градоначалник

Три месеци условен затвор за Прилепскиот градоначалник

На прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, му е изречена условна казна затвор во траење од три месеци, но и парична казна од 600 евра оти не ја осигурал од штета општинската зграда. Истовремено, Ристески е задолжен на име надомест на штета на Општина Прилеп да ѝ исплати скоро 3.900 евра.
Основниот суд во Прилеп  пресудата ја донел пред неколку дена по кривична пријава поднесена од адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп.

„Конкретната кривична пријава врз основа на која што е донесена пресудата на Основен суд Прилеп  се однесува за штета што е предизвикана на општинската зграда за време траење на „Шарената револуција“. Тогаш градоначалникот излегуваше во локалните медиуми со изјави дека тетата е енормно висока и од тие причини поведовме постапка за утврдување на вистинската штета и од тоа вештачење произлезе вистинскиот износ на штета и се утврди дека истата градоначалникот не ја осигурал“, вели  Жарко Стеваноски – адвокат.

Градоначалникот Ристески за пресудата реагираше преку соопштение во кое вели дека до судот веќе поднел приговор, така што одлуката на судот се смета како воопшто да не била донесената.

„Јас како градоначалник на Општина Прилеп имам обезбедено заштита на сопственоста на Општината. Во Општината функционира служба за обезбедување на општинската зграда и има видео надзор за набљудување на зградата со што во целост го имам применето Законот за локална самоуправа. Целта на сите овие случувања е дискредитирање на мојата личност, на локалната самоуправа и на сите проекти“, вели Марјан Ристески – градоначалник на Општина Прилеп.

Против прилепскиот градоначалник, адвокатот Стеваноски има поднесено уште 5 кривични пријави со кои градоначалникот се сомничи дека сторил кривични дела поврзани со „Злоупотреба на службената положба и овластувањата“ и „Злоупотреба на постапките за јавни набавки“. Но Стеваноски вели дека Ристески е изземен од овие случаи и дека судот одговорноста ќе ја бара кај други вработени во Општината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*