Home / Вести / Трибина во Битола за енергетиката и енергетската ефикасност

Трибина во Битола за енергетиката и енергетската ефикасност

       

         Во организација на Македонското научно друштво во Битола   по повод Светскиот ден на енергетска ефикасност  се одржа трибина на тема  „Енергетска ефикасност како предизвик за поквалитетен и одржлив развој на средината“.

-Една од најзначајните кризи со кои се соочува денешницата е и енергетската криза. Човекот веќе долго време неконтролирано, несовесно и без внимание врши експлоатација на природните ресурси, кои за жал, во најголем процент доаѓаат од необновливи извори, како што се фосилните горива, пред се нафтата, јаглен“, рече д-р Невена Груевска, претседател на МНД Битола.

Согласно изработен модел утврдено е дека поради нечистиот воздух во Битола  има околу 300 смртни случаи годишно, 6.290 денови на симптоми на астма кај деца, 594 случаи на бронхитис кај деца, 74.349 работни дена отсуство од работа и 212 кардиоваскуларни и респираторни хоспитализации, беше речено на трибината.

 Заради фактот што не се почитува Националниот план за намалување на емисиите, Секретаријатот на Енергетска заедница иницира постапки за решавање спорови против државата на 16 март 2021.

– Европската унија како резултат на тоа започна со проекти за транзиција со цел ублажување на последиците. Денес се наоѓаме во критичен период кога треба да се донесат сериозни одлуки и храбро и недвосмислено да се влезе во инвестирање во енергетскиот сектор“, рече Горан Неделков,  стручњак во енергетиката.

На трибината беше речено дека електричната енергија која ЕСМ ја произведува има „социјална цена“, која во периодот  од 2010 г. до 2021 год. цената просечно била околу 20 проценти  пониска од берзанската цена.

Во 2022 година разликите се огромни, моменталната цена на електричната енергија на берзата е над 300 евра за MWh додека цената од ЕСМ е околу 40 евра за MWh. Исто така за истиот период од 2010 г. до 2022 г. цената на ЕСМ има пораст околу 18 отсто, додека МЕПСО има зголемување 41,48 проценти, и ЕВН повеќе од 58 осто..

Според Неделков, за пелагониските општини Битола, Новаци, Могила да добијат енергетска правда потребно е надомест заради загадување од јаглен по 0,62 денари за KWh произведена електрична енергија од РЕК „Битола“ државна и меѓународна помош за изградба на 100 MW фотоволтаична централа која ќе се отстапи во владение на општините Битола, Новаци и Могила.

        -Битно е да се каже тоа дека за жителите на Битола, Новаци и Могила да почувствуваат ‘енергетска правда’ треба да го промениме однесувањето и да не гледаме на таа тема црно, или бело во зависност од позицијата на ‘власт или опозиција’, туку треба сите заедно отворено да разговараат за проблемите   да може дел од нив да се прифатат, рече Горан Неделков, беше речено на трибината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*