Ученици од деветто одделение од македонска и албанска националност од ЦОУ„Гоце Делчев“ од Битола вчера го посетија градоначалникот Лазар Котевски и општина Новаци. Се запознаа со надлежностите и обврските на првиот човек на локалната самоуправа како и со одделенијата и организационата структура во општина Новаци.
-Ме радува што денеска имам млади гости кои сакаат да се запознаат со работата на градоначалникот,администрацијата и воопшто на една локална самоуправа. Најпрво ги запознав со општите карактеристики на општина Новаци а потоа се разбира за начинот на работа и организационата поставеност. Им одговорив на сите прашања и сето она што ги интересираше – рече Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.
Станува збор за еден вид едукативна посета во рамките на изучувањето на предметот “Граѓанско образование“ кој е редовен наставен предмет во деветто одделение.
-Денеска сме гости на градоначалникот Котевски околу 29 ученици од македонска и албанска националност кои сакаат да ја посетат општина Новаци, да се запознаат со администрацијата и нивната работа. На почетокот беа пријавени десет деца но потоа заинтересираноста се зголеми заради добриот глас и успешноста во работата по која е препознтлива општина Новаци- рече Амиде Џемал,наставник во ЦОУ “Гоце Делчев“ Битола.
Општина Новаци е отворена општина која доста често има љубопитни гости. При крајот на оваа недела ученици од ЦОУ „Славко Лумбарковски“ од Новаци и ученици од Прилеп заедно со “Канал визија“ од Прилеп ќе ја посетат општината и неколку институции кои работат на нејзина територија.
К.Ч.