Don't Miss
Home / Градска хроника / Усвоени извештаите за работата на битолските училишта и годишните програми за учебната 2014/2015

Усвоени извештаите за работата на битолските училишта и годишните програми за учебната 2014/2015

На денешната седница на Советот на Општина Битола, беа усвоени годишните извештаи на училиштата за учебната 2013/2014 година како и годишните програми на битолските училишта за учебната 2014/2015 година.
Советниците од опозицијата имаа бројни забелешки за работата и менаџирањето на битолските училишта кои во последно време се соочуваат со финансиски проблеми и блокирани сметки.
-Како може училиштата во Битола да функционираат со блокирани сметки? Па едно мало дуќанче има законски обврски да издава фискални сметки и да работи законски. А училиштата во градот со години работат со блокирани сметки, а тоа не е во согласност со законите- обвини советничката од опозициската Коалиција, Габриела Илиевска.
Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Соња Карапашовска рече дека во извештаите за работата на училиштата се отсликува реалната слика за бројните инвестиции и реконструкции кои се направија во изминатиот период во училиштата кои се под надлежност на битолската локална самоуправа. Според неа, образованието е динамичен процес кој постојано бара посветена работа.
-Со помош на Општината Битола се реконструираа кровни конструкции на повеќе училишта каде во голем дел ќе се заштеди и на потрошувачката на електрична енергија во зимските месеци, се отворија две нови училишта во битолските села Крклино и Карамани. Се прават во континуитет вложувања во спортот, а неодамна во Битола свечено се отвори и спортската академија во Земјоделското училиште- истакна советничката Карапашовска.
Валентин Груевски, советник од опозицијата ги обвини директорите и локалната самоуправа дека лошо се менаџираат образовните институции во градот, и ги повика директорите јавно да проговорат за финансиските проблеми со кои се соочуваат.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*