Здружението на граѓани за почитување на прописите од Битола, во врска со работата на СЈО, поднесе кривична пријава против дел од обвинителите Катица Јанева, Трајче Пеливанов и истражителот Љуљзим Јашари, како и против вештаците ангажирани од нивна страна во врска со предметот познат како „Транспортер“.
-Повод за оваа кривична пријава е тоа што цените кои се спомнуваа за превоз на учениците во Битола не се највисоки, а во прашање се и парите кои како награда им се доделени на вештаците. Директните плаќања кон вештаците и парите платени на правни субјекти поврзани со нив, на нивни блиски или пријатели, кои се во милионска вредност. Симптоматична е висината на тие пари и асоцираат дека од вештаците е барано да направат вештачење кое можеби и не ја одразува вистинската слика. Станува збор за злосторничко здружување од нивна страна со цел да извршат притисок врз обвинетите од овој предмет, а и нивна корист. СЈО преку креирање на предмети, создава услови за високи награди, истакнува Васко Костевски, претседател на Здружението.
Тој обелоденува дека СЈО исплаќало милионски суми, како на вештаците, така и на правни субјекти кои се во сопственост на роднини на вештаците.
Апелираат ОЈО да спроведе истрага вистината да излезе на површина.