Home / Вести / Васко Ковачевски: Одговорно тврдам дека во АД ЕСМ не е склучен ниту еден договор во четири очи

Васко Ковачевски: Одговорно тврдам дека во АД ЕСМ не е склучен ниту еден договор во четири очи

,,Одговорно тврдам дека за целиот период додека сум директор на АД ЕСМ, нема ниту една јавна набавка на којшто била повикана само една фирма и никогаш не се случила набавка во 4 очи”- изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во емисијата 360 степени на ТВ Алсат.

,,Тврдам пред вас и пред целата македонска јавност,  секогаш кога се спроведувала постапка, без претходно објавување оглас (една од постапките согласно Законот за јавни набавки) , без исклучок биле повикувани најмалку 3 фирми, понекогаш и многу повеќе, пред сè заради конкурентност, и секогаш постапката била транспарентна и секогаш се избирал понудувачот  што имал најниска цена.

Меѓутоа, кога некој секојдневно ве обвинува за склучување договори во 4 очи и го вперува прстот кон вас, цело време додека трае кризата, не е прифатлива таа негова лична перцепција. Сакам само да потсетам дека тој е истиот човек којшто пред неколку години бил директор на ЕСМ (тогашно ЕЛЕМ) и истиот тој човек седел на моето столче.Чувствувам обврска и одговорност  да укажам на тоа дека во неговиот мандат, додека бил директор, имало дури 44 постапки без објавување оглас односно таканаречени постапки со преговарање и тогаш се склучувале договори за испорака на јаглен, за ископ на јаловина, договори за користење помошна механизација и тоа во вредност од двесте, триста па и четиристотини милиони денари. Но, дали тогаш станувало збор за договори во 4 очи или обвинувањата се однесуваат само на овој период сега, тоа треба да одговорат истражните органи”-изјави директорот Ковачевски.

Ковачевски информираше дека иако, во согласност со Законот, АД ЕСМ не треба да објавува јавен оглас во медиуми, не треба да испраќа покани до снабдувачи и слично, затоа што набавката на енергенсите во секторските услуги се врши по принципот – склучување договор,  АД ЕСМ не ја користи таа можност.

,,Истакнувам дека имаме право и можност да избереме која било фирма, само да ја повикаме и да склучиме договор за испорака на јаглен, мазут и слично. Но, пред сè заради транспарентност, конкурентност, економски придобивки наша одлука е тие можности да не ги користиме. Туку користиме една и единствена можност – објавување јавен оглас и пуштање покани до фирми комитенти што ја работат дејноста – на пример при набавката на мазут АД ЕСМ испраќа покани до сите комитенти што поседуваат лиценца, истата процедура е и кога објавуваме оглас за продажба на електрична енергија – испраќаме покани до сите трговци што имаат лиценца”-рече Ковачевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*