Претседателот на Собранието во заминување, Трајко Вељаноски ја отвори конститутивната седница на деветиот состав на собраниски пратеници на Република Македонија.
Како негови заменици беа назначени пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани. Седницата најпрво започна симболично со македонската химна.
Од 120-те пратеници, присутни се 118, така што двајца новоизбрани пратеници од ДПА не присуствуваат.
Мандатите на 120-те пратеници во Собранието на Македонија се верификувани. По паузата на Верификационата комисија, претседателот на комисијата Владимир Ѓорчев рече дека извештајот на Државната изборна комисија е разгледан и дека може да се потврдат мандатите на пратениците.
– Комисијата коснтатитра дека нема основ за оспорување на мандатите на 120-те пратеници – рече Ѓорчев, од собраниската говорница.
По неговото излагање, накратко имаше збор Зеќирија Ибрахим, пратеник од движењето БЕСА, кој побара документот од комисијата да биде преведен на албански јазик и да не се верификува мандатот на хашкиот осуденик Јохан Тарчуловски.
Вељановски на ова одговори дека треба да се истакнат деловнички и законски пречки за оспорување на мандат, а не дали тоа на некој му се допаѓало или не. Тој додаде дека документот е преведен на алабански јазик.
Предлогот на Верификационата комисија за усвојување на мандатите на пратениците беше ставен на гласање, со што беше изгласан 114 гласови за, ниту еден против и ниту еден воздржан. Претседател на Собрание и претседатели на собраниски комисија не беа избрани, бидејќи партиите немаат доставено предлози. Вељановски истакна дека седницата ќе продолжи штом се создадат деловнички можности за продолжување.
На седницата меѓу поканетите се претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Владата Емил Димитриев, претседателот на Уставниот суд, поранешнито претседател Бранко Црвенковски, јавниот обвинител Марко Зврлевски, претседателот на Судски совет, гувернерот на Народната банка, претседателот на МАНУ, државниот правобранител, странски конзулатни мисии…
На почетокот од седницата прв збор зема Оливер Спасовски од СДСМ, кој даде процедурална забелешка и истакна дека со конститутивната седница треба да претседава најстариот пратеник.
– Не го читате ставот во кој се вели дека најстариот пратеник треба да заседава. Деловникот е променет во 2008 година, но ниту во 2011 ниту во 2014 не сте претседавале со конститутивната седница. Зошто воведувате нови правци? – рече Спасовски од собраниската говорница.
Вељановски возврати на оваа забелешка велејќи дека на вчерашниот координативен состанок разговарале за тоа, и дека иако има разлика во праксата и деловникот, сепак деловникот има предност.
Пратениците го усвоија предлогот со кој за претседател на Комисијата за верификација на мандатите е назначен Владимир Ѓорчев, а за заменик Петре Шилегов, со членовите Сурија Рашиди, Фадил Зендели и Реџаиљ Исмаили. По ова гласање, комисијата се повлече за да го разгледа извештајот на Државната изборна комисија.