Со две прекрасни изложби, вчера започна четвртата по ред Балканска колонија на ракотворци во Битола. Предизвикува восхит, секој човечки напор да се победи заборавот, да му се оддолее на времето кое што незапирливо поминува, да им се обезбеди вечност на нештата кои го осведочуваат постењето, кои се потврда на корените, на бидувањето.
Индивидуалната заложба на Симеон Златевски – Моне, сопственик на најмалиот етно музеј на светот, му обезбедува вечност и траење на околу 2000 предмети и на исто толку потврди за постоењето и корените на животот на овие простори – музеј, кој што цела четвртина од едно столетие привлекува 3.000 – 5.000 посетители годишно од целиот свет.
Бројните посетители на отворањето на БКР во битолската Магаза, имаа прилика и да ја погледнат и изложбата на Александар Ѓорѓиев, пасиониран вљубеник во македонското античко, ранохристијанско и средновековно наследство, а во фотографиите се одразуваат и импресиите кои во неговиот објектив ги рефлектира современата архитектура.
Александар Ѓорѓиев, на свој сопствен начин ги спојува фотографијата и сликарството, на тој начин создавајќи нови уметнички достоинства, кои остануваат како сведоштво за културните вредности и цивилизациската оставштина на овие простори. Користејќи ја и ИТ техниката, неговите дела се потврда, дека уметност е секој индивиуален чин на создавање, во кој што љубовта, пасијата, техниката и индивидуалното доживување се доволни за вниманието на човечкото око, доволни да влијаат врз сите човечки сетила, доволни да ја родат уште еднаш стварноста, да ја пресоздадат прекрасната древна Хераклеа, достинствената битолска Саат кула или духовниот храм Св.Пантелејмон.
-БКР е „фестивал” кој се одржува еднаш годишно и ги обединува ракотворците од целата држава и Балканскиот регион. Својата мисија ја лоцира во промоцијата и едукацијата на ракотворците и нивните дела, остварување на меѓународни контакти за меѓукултурна размена на искуства и знаења, промоција на Битола и пелагонискиот регион. „Фестивалскиот концепт” се потпира на три столба – работен, едукативен и промотивен. Учесниците годинава во соработка со НП Пелистер, ќе работат на мотивите петигличест бор – Молика и пелистерска односно кафеава мечка. Во соработка пак со НУ Завод и Музеј, инспирација на учесниците е и мотивот од големата Базилика во Хераклеа Линкестис- вели организаторот на БКР, Дивна Грданова Караџовска од Здружението АСТЕРИОН 5.
Б.В.