Home / Uncategorized / Врховен одлучува за притворот на тројката од Големото уво

Врховен одлучува за притворот на тројката од Големото уво

Притворот за Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски, опфатени во предметите на СЈО, ќе се одложи. Таа можност, објаснуваат правните експерти, ја дава решението на советот од Апелациониот суд во Скопје во кое пишува дека „Мерката притвор мора да се изврши веднаш по правосилноста на решението“.

Поранешниот истражен судија и обвинител, а актуелен адвокат, Јова Јоанидис вели дека ваквото решение може да се толкува дека жалбата го одлага извршувањето на одлуката за притвор бидејќи правосилноста се добива по истекот на рокот за жалба.

– Ако во решението не пишува дека жалбата го одложува извршувањето на притворот, тогаш тој мора да се спроведе веднаш како што е пропишано во Законот за кривична постапка (ЗКП) – вели Јоанидис.

Меѓутоа, тоа не е случај со решенијата за тројцата осомничени, па ќе мора да се чека на рокот за жалбите до Врховен. Оттаму, како што не информираа, последната информација е дека жалби сè уште не се пристигнати. Рокот за поднесување е 24 часа, но како што пишува во решението на судот, тој тече откако странките ќе го примат решението.

Правото на жалба до совет во повисокиот суд не го оспорува ниту адвокатот Ѕвонко Давидовиќ. Бидејќи одлуката за притвор првпат се носи во Апелациониот суд (Основиот суд Скопје 1 имаше одлука за одземање на пасошите), во случајот жалбата оди до Врховниот суд.

И тој ги потенцира законските одредби дека жалбата според ЗКП не го одложува притворот, освен ако не е определено поинаку.

– Меѓутоа, не смее да има двоен аршин само за СЈО или за лица кои биле на јавни функции или во институции – вели Давидовиќ, потенцирајќи дека искуството и праксата покажуваат оти најчесто не било определувано поинаку (како во случајот со решението за притвор).

Кога се носеле одлуки за притвор, осомничените веднаш биле спроведувани и се наоѓале зад решетки и додека тече рокот за жалби.
Ако решението за притворот на Грујевски, Јакимовски и Бошковски стане правосилно, тогаш спроведувањето на тројцата осомничени во затвор, велат познавачите, мора да се спроведе веднаш наместо да се чека. Судовите и Министерството за внатрешни работи (МВР) си имаат воспоставено техника на комуницирање што многупати досега се покажало, па лицата веднаш се носат во притвор, буквално без да имаат време да си отидат дома.

Обвинителот во СЈО, пак, Гаврил Бубевски, денеска изјави дека одлуката за притвор треба да се изврши и посочи дека верува оти ако осомничените се жалат, Врховниот суд ќе одлучи правилно бидејќи аргументите и доказите се на страна на СЈО.

Инаку од МВР утрово изјавија оти ако и кога и да пристигне налогот за приведување кај нив, тие се подготвени веднаш законски да постапат според него.

Грујевски, Јакимовски и Бошковски се осомничени во предметите „Таргет“ и „Тврдина“ на СЈО. Сите беа на високи функции во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во времето кога директор беше Сашо Мијалков. Јакимовски му беше шеф на кабинет, Бошковски службеник во УБК, а Грујевски началник на Петта управа.

Во „Таргет“ СЈО обелодени дека биле прислушувани повеќе од 5.800 телефонски броеви, преку системите во УБК и без судска наредба. „Тврдина“ исто така се однесува на прислушувањето односно на уништување на опремата со која се правело тоа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*