Don't Miss
Home / Uncategorized / За аферата 300 возила 9 години затвор

За аферата 300 возила 9 години затвор

Девет години затвор за поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски пресуди денеска Кривичниот суд поради злоупотреба на службена положба во предметот на СЈО „Триста“, во кој беше обвинет за јавната набавка на 300 возила за потребите на МВР.

Претседателката на судечкиот совет Добрила Кацарска при изрекување на пресудата кажа дека предлогот на Комисијата за јавни набавки бил спротивен на Законот за јавни набавки, па од тие причини Поповски не смеел да го прифати предлогот.

Според неа, во овој случај, не бил запазен критериумот „најповолна понуда“ за јавна набавка на 300 возила за потребите на МВР. Со ова, рече Кацарска, на МВР му била нанесена штета од поголеми размери.

Поповски, од функцијата на која бил не можел да не знае кои се најповолните економски оператори што давале понуди за возилата. Од овие причини, додаде таа, судот оцени дека Поповски е виновен за кривичното дело што му се става на товар – злоупотреба на службена положба, и му изрече казна од девет години зтавор.

Веднаш по ова специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи побара судот на Поповски да му одреди притвор поради опасност од бегство.

Адвокатот на Поповски, Стерјо Зиков, се спротивстави на барањето за притвор, притоа оценувајќи дека неговиот клиент доби превисока казна.

-Поповски ниту досега, ниту отсега, има намера да бега. Тој е семеен човек, а притоа треба да се има предвид и неговата здравствена состојба – рече Зиков и додаде дека има намера да го искористи правото на жалба на пресудата до повисоката судска истанца.

Самиот Поповски пред судот кажа дека не планира да бега, дека е семеен човек, со син кој е на школување, а има и болна мајка.

Судот по изрекувањето на пресудата даде пауза за да се посоветува околу барањето за притвор.

За кривичното дело за кое беше обвинет Поповски, законот предвидува казна затвор од четири до 15 години.

Одбраната, пак, на претходното рочиште побара Поповски да биде ослободен од обвинението. Поповски пред Судот кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, но не прецизира од кого. Тој се пожали и дека му бил даден отказ од МВР во, како што наведе, сомнителна дисциплинска постапка.

Ѓоко Поповски е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*