Home / Економија / За татовци пропадна и последната надеж за обесштетување

За татовци пропадна и последната надеж за обесштетување

На само неколку дена пред дочекот на Новата година неколкуте илјади штедачи на ТАТ добија новогодишна честитка, која не само што не ги израдува туку буквално тешко ги погоди, бидејќи најмалку ја посакуваа и ја очекуваа.

Имено, судот во Стразбур деновиве, поради процедурални пропусти и грешки, ја одби тужбата на штедачите на ТАТ, кои откако изгубија верба во македонското правосудство, одлучија правдата да ја бараат во судот во Стразбур.

Со тоа за татовци пропадна и последната надеж дека ќе дојдат до своите изгубени пари.

– Иако можеби ќе звучи прозаично, верувајте кога деновиве ме известија дека Стразбур ја одбил нашата тужба, ми падна потешко отколку кога во 1997 година дознав дека штедилницата ТАТ банкротираше – со огромна доза разочараност и гнев ни вели лидерот на необесштетените штедачи на ТАТ, Пеце Гугучевски.
Инаку, според Гугучевски, тужбата на необесштетените штедачи на ТАТ во Стразбур е одбиена наводно поради некои правнички формални недостатоци во пополнувањето на формуларот на тужбата, како и поради неподнесувањето навреме.

– Во одговорот што го добивме од Стразбур, меѓу другото, стои дека во тужбата испратена до Стразбур немало точен датум кога сме ја добиле пресудата на Врховниот суд на Македонија и поради тоа наводно не можело да се утврди дали ние тужбата во Стразбур сме ја поднеле навреме или сме го промашиле рокот и сме задоцниле. А во интерес на вистината ние тужбата ја поднесовме во предвидениот рок. Иако 8 ноември беше краен рок за поднесување на тужбата, ние преку нашиот правен застапник ја поднесовме во октомври преку ДХЛ-пошта – вели Гугучевски. Втората забелешка од Стразбур е дека образецот на кој ја поднесовме тужбата (некои ја третираат како жалба) не сме го пополниле како што треба, нагласува Гугучевски, според кој, апликацијата е професионално пополнета од страна на нивниот правен застапник.

По добивањето на ваквото известување од Стразбур, штедачите на ТАТ деновиве одржаа неколку состаноци, на кои се договорија да ја продолжат својата правна битка и тие веќе во текот на денешниот ден ќе испратат жалба до администраторот што им ја врати тужбата, потоа секретарот, како и до претседателот на судот во Стразбур.

Во изминатите денови штедачите на ТАТ заедно со правниот застапник се консултирале со македонски судии и експерти што добро го знаат меѓународното право, од каде што добиле уверување дека во тужбата не направиле никаков пропуст или грешка и дека доколку судот во Стразбур сметал дека тужбата била ненавремено поднесена и по дозволениот рок за жалба тие требало по службен пат да се обратат до Основниот суд во Битола, преку кој татовци ги добиваат пресудите, и да се уверат дали го пропуштиле рокот или не.

– И покрај неколкуте обиди, досега никој од судот во Битола не ни има доставено документ кога пресудата на Врховниот суд на Македонија пристигнала во битолскиот суд – тврдат штедачите на ТАТ.

Сепак, со негативниот одговор од Стразбур, татовци полека почна да ги напушта оптимизмот дека во Европскиот суд за човекови права ќе се изборат за својата правда.

– Во моментот кога изгубивме секаква верба во македонското правосудство и кога од неразбирливи причини беше одбиена нашата тужба против државата Република Македонија за обесштетување, не сакаме да веруваме дека поради формални пречки или пропусти ќе ја изгубиме правдата и во Стразбур. Судот во Стразбур ни беше нашата последна надеж. Во овој момент не сакам ни да помислам дека таа ќе ни пропадне. Но изгледа дека и таму некои судски бирократи, како и тука, во Република Македонија, настојуваат да нѐ спречат да дојдеме до нашите пари. Ние не се предаваме и мислам дека иако правдата е бавна, сепак е достижна и ќе докажеме дека сме во право – вели претседателот на Здружението на необесштетени штедачи на ТАТ, Пеце Гугучевски.

Инаку, штедачите на ТАТ, преку Здружението на необесштетени штедачи, кое има 1.250 члена, ја тужеа Република Македонија и бараа државата да ги обесштети во висина од 17 милиони евра, колку што побаруваат штедачите, бидејќи државата пред да истече рокот го прекинала тргувањето со државните сертификати и што судот ја оспорил нивната пасивна легитимација, дека како здружение не биле штедачи на ТАТ и поради тоа немале право да ги застапуваат интересите на штедачите пред македонските судови.
По добивањето на ваквата пресуда штедачите на ТАТ ја тужеа Република Македонија во судот во Стразбур и бараат европскиот суд да ги заштити нивните права и да ја принуди Република Македонија да ги обесштети за околу 17 милиони евра. Инаку, од банкротирањето на штедилницата ТАТ на обесштетување чекаат над 6.500 штедачи, кои побаруваат околу 30 милиони евра.
Иако од банкротирањето на штедилницата изминаа цели 17 години, оваа афера, која ги потресе Битола и Македонија, сѐ уште не е расчистена.

Во изминатиот период како последица на траумите што ги доживеаја животот го загубија над 1.000 штедачи, а пред македонските судови за ова афера, која беше окарактеризирана како најголем организиран државен криминал, единствено одговараше само сопственичката на ТАТ, Соња Николовска, која, наместо да биде осудена за измама на десетици илјади штедачи, лежеше во Идризово малку повеќе од три и пол години за кривично дело даночно затајување.

Автор: М.Младеновски

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*