Иако, кога најави дека ќе кажи нешто повеќе за темата која во последно време најмногу ја преокупира (политичката) јавност во Македонија, а таа е “ бомбата “ на Заев, доби огромен аплауз, сепак Заев избегна да ја “ активира бомбата” во преполнетата сала на Центарот за култура, што во голема мера ги разочара најголемиот број од присутните.
-Во последно време се вели “ бомбата “ на Заев. Интересна е темата и ќе проговорам нешто повеќе за тоа. Заслужува тоа да се случи секако во Битола. Ако не одевме на избори немаше да има ни “бомба”, ни “бомби”. Немаше да има ни докази, ни аргументи. Јас сум среќен што СДСМ и опозицијата го имаат тој капацитет да ја направат систематски прецизно и внимателно целата таа документација на аргументи и докази. И реков јавно. Во моментот кога тоа ќе се објави за три дена Груевски треба да замини од власт, со оставка, но за жал честа на Македонија ќе биде повредена и лично верувам дека ќе допре до сензибилитетот на меѓуетничките односи.
-Јас знам дека нашиот народ е гладен за афери. И заради тоа сака на показ и на повидок се. Но ние сме СДСМ, постоиме заради оваа наша Македонија. Ние постоиме заради оваа наша Македонија. Ние сме тука и во нејзиното создавање,бевме тука и во 2001 година, кога заради некакви калкулации на поединци кои забегано владеа доведоа до меѓуетнички судири во Македонија. СДСМ беше тука да охрабри и да ја спаси Македонија.
Сега мораме да мислиме на Македонија. Не е така едноставно целата оваа работа да ја ставиме на маса на повидок на јавноста и да ги отвориме. Но вагањето и калкулирањето со оваа работа оди до таму додека е дозволиво,оти на крајот на денот предизвикот пред кој сме исправени е дали ќе ја загубиме државата. Како политички субјект сме исправени пред обврската да ја сочуваме државата и да ја нормализираме, рече Заев во делот кога најави активирање на “ бомбата “ без притоа да објасни за каква “бомба” станува збор, што во голема мера ги разочара најголемиот број од присутните.
Остро спротиставувајќи му се на делот од неговиот говор, во кој Заев зборуваше дека СДСМ нема да им се меша на пратениците кои сакаат да се вратат во Парламентот и дека бојкотот на опозицијата ќе трае дури и по цена сите пратеници да седнат во пратеничките клупи, еден од присутните на трибината му возврати на Заев:
-Јас за вас се определив затоа што ветивте дека кога ќе дојдеме на власт ќе јадеме живи луѓе(мислејќи на власта). А сега ние наместо да јадеме луѓе, ние се јадеме меѓу себе, рече членот на СДСМ, кој предложи и радикални мерки за сите оние пратеници од опозицијата кои ќе седнат во пратеничките клупи.
Б.В.