СДСМ и Коалицијата „Живот за Македонија“ својата изборна кампања за локалните избори ја почнаа од Битола. На големиот митинг, што се одржа на преполнетиот плоштад „Магнолија“, лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев најави победа на локалните избори речиси во сите градови во Македонија, а во Битола, според Заев, разликата во победата ќе биде изразена со најмалку 5.000 гласови во корист на кандидатката Наташа Петровска.
– Оваа прекрасна глетка на горди битолчани, собрани вечерва тука е со една цел, силно и решително да го вратат животот во својата општина. Битола е новата слика на демократска Македонија. Во декмеври заедно ја насочивме Македонија да зачекори на вистинскиот пат. Вечерва од Битола станува јасно дека на 15 октомври заедно ги заокружуваме промените што носат живот во Македонија за сите. Македонија се менува. Македонија станува подобра. Нема враќање назад. Се менува благодарение на вашата силна верба дека ова парче наша убава земја може да биде достоинствено место за живеење. Верувавте дека може поинаку, верувавте дека таа ваша верба денес ја движи Македонија напред. Борбата за живот ја продолжуваме вечерва од градот на конзулите, па потоа во секое село, секој град и населба во Македонија.
Денес од овде ја барам вашата поддршка да живееме каде што сме родени, каде што ни учат нашите деца, каде што работиме, во современи општини, во горда наша Република Македонија – рече Заев.
Тој посочи дека ја вратиле слободата и ги враќаат парите кај граѓаните.
– Ми беше чест да застанам рамо до рамо со вас, на браникот на слободата и правдата. По цела таа голгота промените се тука и продолжуваат. Новата влада предводена од СДСМ е одговорна и домаќинска власт, која е свртена кон потребите на граѓаните, достапна отворена и отчетна. Покажавме дека водиме нова политика, политика од збор, политика која значи, служење на граѓаните, а не владеење за нив. Ова е влада што води суштинска, а не фасадна политика – рече Заев.
Осврнувајќи за предложените кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ Заев истакна дека иако има добри луѓе меѓу кандидатите сите се со дамката на Никола Груевски.